Еко свест го објави јавниот повик за Програмата за грантови за 2026 година, чија цел е поддршка на граѓанските организации и нивните партнери во создавање поотпорно и поправедно општество со фокус на еколошките предизвици.
Програмата е насочена кон зајакнување на улогата на граѓанскиот сектор како важен партнер во креирањето и спроведувањето системски решенија за заштита на животната средина. Од организацијата посочуваат дека Македонија се соочува со еколошка ранливост и институционални предизвици, поради што е потребно поголемо вклучување на граѓанските организации во процесите на промена.
Преку грантовите нема да се поддржуваат само конкретни проекти, туку и развојот на капацитетите на организациите, нивната експертиза и долгорочната одржливост.
Во првата фаза од програмата, заинтересираните организации треба да достават концепт за проектна идеја најдоцна до 31 јули 2026 година.
Поддржаните проекти треба да придонесат кон повеќе приоритетни области, меѓу кои подобрување на капацитетите за анализа и застапување на еколошките политики усогласени со европските стандарди, следење на работата на институциите и обезбедување поголема транспарентност во процесите на одлучување.
Грантовата програма опфаќа и активности за заштита на природата, управување со заштитени подрачја, обновување на екосистеми, спроведување пилот проекти за намалување на јаглеродните емисии, како и подигнување на јавната свест за климатските промени.
Право на учество имаат граѓански организации регистрирани согласно Законот за здруженија и фондации, кои постојат најмалку четири години пред објавувањето на повикот. Организациите се охрабруваат да воспостават партнерства со локални чинители, меѓу кои други здруженија, општини и бизниси.
Вкупниот фонд на Програмата за грантови изнесува 21,5 милиони денари, а поединечните грантови ќе бидат во вредност од најмалку 1,2 милиони денари и најмногу 4,3 милиони денари. Проектите ќе имаат времетраење од 12 до 14 месеци, со планиран почеток на реализација од 1 ноември 2026 година.
Со оваа програма Еко свест продолжува да го поддржува развојот на граѓанскиот сектор и иницијативите што придонесуваат кон подобра заштита на природата и поодржливи решенија за заедницата.