Седумнаесеттото издание на ЕХО, Фестивалот на планински филм, е отворено во преполната сала на Кино Фросина. Во следните пет дена публиката ќе може да проследи 49 проекции од меѓународната филмска селекција.
На отворањето се обратија директорите на фестивалот Игор Талевски и Александар Зарапчиев, како и директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски.
Гостите проследија и презентација за експедицијата „Врело 2026“. Според организаторите, со истражувањето на подводната пештера Врело на Матка бил поставен нов светски рекорд.
Филмската програма започна со американскиот филм „Frost: The Story of a Lifetime“ на Том Сивел.
ЕХО фестивал со проекции во две сали
Годинешната програма носи приказни за алпинизмот, планинарењето, спелеологијата, екологијата и културата, како и за секојдневниот живот во планинските заедници.
Покрај филмовите, посетителите ќе можат да проследат презентации на домашни и странски гости, да учествуваат во разговори и да ги посетат детските работилници.
Проекциите од денеска се одвиваат паралелно во Кино Фросина и Џебното кино при Младинскиот културен центар, со почеток од 17 часот.
Целосната програма е достапна на страницата на фестивалот ЕХО.
