Премиерот на Албанија, Еди Рама, со само еден збор реагираше по изрекувањето на првостепените затворски казни за поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК). Тој на својот фејсбук-профил објави илустрација со картата на Европа обвиткана во бодликава жица, придружена со црвен натпис „MARRE“, што на албански јазик значи „срамота“.
Албанскиот премиер не објави пропратен текст ниту детално образложение кон илустрацијата. Сепак, моментот на објавата, веднаш по читањето на пресудата во Хаг, јасно упатува на неговиот став кон судскиот исход за поранешното раководство на ОВК.
Визуелниот приказ со бодликава жица преку европскиот континент испраќа порака за разочараност од постапките на европските институции и судот формиран под меѓународен надзор. Оваа објава предизвика масовни реакции кај неговите следбеници и јавноста во регионот.
Реакцијата на Рама следува откако Специјализираните веќа на Косово во Хаг им изрекоа првостепени пресуди за воени злосторства на Хашим Тачи и неговите најблиски соработници.
Поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи, и поранешниот претседател на парламентот, Јакуп Красниќи, добија по 25 години затвор. Кадри Весели е осуден на 18 години, додека Реџеп Селими доби затворска казна од 13 години. Во овие казни на сите четворица ќе им се пресмета и времето поминато во притвор.