Space X се подготвува за дванаесеттиот пробен лет на својата џиновска ракета, кој треба да биде лансиран ноќта меѓу четврток и петок. Оваа мисија е прва во програмата Starship по неколкумесечна пауза и воедно премиера на значително надградената верзија на леталото, наречена V3.
Минатата година компанијата имаше неколку проблеми со прототипот Starship V2, а сега се надева дека третата генерација ќе донесе поголема стабилност и сигурност. Компанијата е под голем притисок бидејќи планира токму со ова летало да ги спушти своите астронаути на Месечината до 2028 година, како дел од новата вселенска трка со.
Што носи новиот Starship V3?
Новата верзија носи сериозни технички промени. Моторите Raptor, кои ги придвижуваат и бустерот Super Heavy и самото летало Starship, се целосно редизајнирани.
Промени има и кај системот за управување при слетување, како и кај механизмот за одвојување на леталото од бустерот. SpaceX тврди дека новиот систем овозможува побрзо и поефикасно активирање на сите 33 мотори истовремено. Самото летало добива и поголеми резервоари за гориво, подобрен систем за исфрлање сателити и специјални механизми што во иднина ќе овозможат спојување на две летала во орбитата за пренос на гориво.
Клучни цели на мисијата
Иако од компанијата велат дека не очекуваат совршен лет уште при првиот тест на V3, поставени се неколку важни цели: успешно полетување и искачување, безбедно одвојување на Starship од Super Heavy, контролирано слетување на бустерот во Мексиканскиот Залив, поставување 22 симулациски сателити во орбитата, повторно палење на еден мотор Raptor во вселената и тестирање на издржливоста на леталото при враќање.
Два од сателитите ќе собираат податоци за функционирањето на топлинскиот штит на леталото. За разлика од претходните мисии, овојпат нема да има обид за „фаќање“ на бустерот со огромните метални раце на лансирната кула позната како Mechazilla.
Извршниот директор претходно изјави дека „се потребни три големи итерации за новата технологија навистина да функционира како што треба“, а SpaceX се надева дека токму V3 ќе биде пресвртната верзија.