Џон Малкович го откажа настапот во Тел Авив поради измислена изјава

Организаторите му припишаа непостоечка порака за солидарност, по што холивудскиот актер веднаш го повлече своето гостување.

Американскиот актер Џон Малкович го откажа настапот во Тел Авив откако локалните промотори јавно споделија измислена изјава во негово име, објави Euronews. Малкович требаше да ја изведе претставата „Инфернална комедија“ во израелскиот национален театар „Хабима“, но одби да патува откако организаторите без негово знаење дистрибуираа порака со која тврдеа дека тој доаѓа да покаже солидарност со Израел.

Организаторите на турнејата најавија дека доаѓањето на Малкович претставува чин на поддршка за израелските граѓани. Во соопштението испратено до медиумите тие вметнаа цитат во кој актерот наводно тврди дека не се плаши од конфликтот и дека застанува зад нив.

Малкович експресно преку својот менаџмент, појаснувајќи дека станува збор за целосен фалсификат. Актерот потенцираше дека никогаш не дал такво одобрение, ниту пак ја изговорил наведената порака.

Поради злоупотребата на неговиот идентитет, продукцискиот тим на претставата ги стопираше сите планирани датуми во Тел Авив. Проектот во кој Малкович го толкува австрискиот сериски убиец Џек Унтервегер, придружуван од оркестар во живо, беше отстранет од програмата на театарот.

Театарот „Хабима“ ја префрли одговорноста врз приватната продуцентска агенција што ја договараше турнејата. Локалните организатори подоцна признаа дека наводните зборови не потекнуваат директно од Малкович, обидувајќи се да го сведат скандалот на „лоша комуникација“.

Инцидентот отвори нова расправа за притисоците со кои се соочуваат меѓународните уметници при настапи во зони на конфликт. Ова не е првпат културни настани во Израел да бидат политички инструментализирани или бојкотирани од меѓународната јавност.

За разлика од музичарите и режисерите кои отворено одбиваат настапи преку глобални апели за бојкот, одлуката на Малкович директно произлезе од манипулацијата со неговите зборови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс