„Ѕирни“ носи панел за жените во филмот и проекција на „Југо оди во Америка“

Четвртиот фестивалски ден во Скопје отвора простор за искуствата на продуцентките, проследени со награди и филмска проекција.

Осмото издание на фестивалот на филм и музика „Ѕирни“ денеска, 1 октомври, продолжува со четвртиот фестивалски ден на две локации во Скопје. Програмата во кафе-филм „Котур“ и на платото пред Домот на АРМ опфаќа детски филмови, дебата со домашни продуцентки, доделување на официјалните награди и проекција на долгометражниот филм „Југо оди во Америка“.

Дневната програма во „Котур“ започна претпладнево во 11:00 часот со детска селекција, подготвена во соработка со приватната градинка „Зелена куќичка“ и Францускиот институт во Скопје.

Попладневниот термин од 17:30 часот е резервиран за панел-дискусијата насловена „Жените што ги прават филмовите реалност“. На панелот ќе говорат филмските продуцентки Ивана Шекуткоска, Марија Димитрова и Сара Ферро, под модераторство на Мартина Петреска. Фокусот на разговорот ќе биде ставен врз нивните искуства со долгометражни остварувања, пласманот на меѓународни фестивали и справувањето со професионалните бариери во доминантно машката филмска индустрија. Влезот за дебатата е слободен, со претходна најава преку социјалните мрежи на фестивалот или на адресата dzirnifestival@gmail.com.

Вечерните содржини се селат на отворено, на платото пред Домот на АРМ. Во 19:30 часот жирито ќе ги соопшти победниците во официјалната и студентската селекција и ќе ги додели овогодишните фестивалски признанија.

Веднаш по церемонијата, во 20:00 часот, следува проекцијата на филмот „Југо оди во Америка“ (YUGO GOES TO AMERICA), копродукција меѓу Србија и Хрватска од 2026 година во траење од 87 минути, реализирана во партнерство со фестивалот „Македокс“. Вечерта продолжува со концерт на составот „Orchestre Tout Puissant Marcel Duchamp“ од 21:30 часот пред Домот на АРМ, додека во истиот период, од 21:00 часот, во „Котур“ музичка селекција ќе презентира Еми Ермилова.

Фестивалот „Ѕирни“ трае до 5 октомври, а целосната програма е објавена на нивната официјална интернет-страница.

е-Трн да боцка во твојот инбокс