Џип со швајцарски туристи падна во река полна со крокодили во Танзанија

Возилото изгубило контрола, а четворицата патници и возачот по падот во водата се спасиле без повреди.

Сафари џип со четворица швајцарски туристи и возач падна во реката Мара во Националниот парк Серенгети во Танзанија, позната по големиот број крокодили. Несреќата се случила во недела попладне додека туристите ја набљудувале Големата миграција на животните. Очевидци од друго возило го снимиле моментот кога џипот излетал од патеката и завршил во речното корито.

Снимките од местото на настанот покажуваат како сафари возилото се движи со поголема брзина по нерамен терен покрај брегот. При ненадејно занесување, од џипот прво испаднала една жена. Таа се обидувала да стане на само неколку метри од крокодилите и стадата гнуа, додека очевидци од околните возила довикувале да се тргне на безбедно.

Возилото продолжило неконтролирано да се движи кон реката. При самиот пад во реката Мара од него испаднале и останатите патници. Луѓето што го следеле инцидентот панично ги повикувале туристите веднаш да испливаат кон брегот.

Управата на националните паркови на Танзанија (ТАНАПА) соопшти дека сите пет лица во возилото поминале без никакви телесни повреди. Четворицата туристи од Швајцарија и нивниот локален возач успеале брзо да излезат од водата пред да дојде до контакт со животните.

Од ТАНАПА упатија и официјално предупредување до сите туристички агенции и возачи. Институцијата нагласи дека правилата за преминување на речните премини мора строго да се почитуваат. Возачите имаат обврска да ги следат упатствата на ренџерите за да се заштитат животите на патниците и да не се вознемирува дивечот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс