Рак на простата кај поранешниот американски претседател Џо Бајден се прошири на коските и му предизвикува силни и исцрпувачки болки, изјави неговиот син Хантер Бајден во интервју за Би-Би-Си. Веста доаѓа нешто повеќе од една година откако на 83-годишниот поранешен шеф на Белата куќа му беше дијагностицирана агресивна форма на болеста.
„Ракот метастазираше на неговите коски и понатаму. Болеста е многу болна и во многу погледи е исклучително исцрпувачка за него“, рече Хантер Бајден за емисијата „Њузнајт“ на Би-Би-Си.
Борбата на Бајден со тешката дијагноза започна во мај 2025 година, помалку од четири месеци по завршувањето на неговиот претседателски мандат. Тогаш неговиот кабинет за првпат јавно објави дека му е откриен агресивен облик на рак на простата кој веќе почнал да се шири. Според дополнителните информации објавени во октомври истата година, поранешниот претседател веднаш бил подложен на третмани со зрачење и хормонска терапија.
Официјалниот тим и портпаролите на Бајден засега одбиваат да дадат дополнителен коментар за изјавите на неговиот син.
И покрај сериозноста на здравствената состојба, Џо Бајден повремено се појавува во јавноста. Неговото последно значајно јавно појавување беше во јуни во Чикаго, каде што присуствуваше на свеченото отворање на претседателската библиотека на Барак Обама, претседателот со кого соработуваше како потпретседател од 2009 до 2017 година.
Физичкото здравје и менталните капацитети на Бајден беа под постојан лупа на јавноста за време на неговиот мандат од 2021 до 2025 година, откако во 2020 година стана најстарата особа избрана за претседател во историјата на САД. Според претходните најави, неговите претседателски мемоари треба официјално да бидат објавени на 17 ноември.