Џебното кино во Лабораториум носи наградувани наслови од Венеција и Кан

Новата сезона на Фино Кино стартува со најновите остварувања на Џим Џармуш и Педро Алмодовар, проследени со разговори за филмот надвор од шпицата.

Џебното кино во Лабораториум ја започнува новата филмска сезона со проекции на најновите филмови на Џим Џармуш и Педро Алмодовар. Програмата во културниот центар во Скопје стартува во недела, 4 октомври, со делото наградено со Златен лав во Венеција, а продолжува со наслов што годинава дебитираше на Канскиот филмски фестивал. Сите проекции се закажани во терминот од 20:00 часот.

Сезоната се отвора со „Татко Мајка Сестра Брат” (Father Mother Sister Brother) на Џим Џармуш, во недела и понеделник, 4 и 5 октомври. Најновиот филм на култниот американски независен режисер е добитник на Златниот лав на Венецискиот филмски фестивал во 2025 година.

Следува „Горчлив Божиќ” на Педро Алмодовар, во вторник и среда, 6 и 7 октомври. Новото остварување на шпанскиот мајстор на емоцијата имаше премиера на годинешниот Кански филмски фестивал.

Фино Кино е џебно кино во склоп на Лабораториум, независен културен и образовен центар во срцето на Скопје, основан во 2023 година, а од 2024 е придружен член на Trans Europe Halles, европската мрежа на независни културни центри. Киното е замислено како простор за внимателно избрана филмска програма на значајни современи светски, но и македонски филмови, место каде што филмот не завршува со шпицата. По дел од проекциите следува разговор со филмски автори, критичари, гости од науката, уметноста и општеството, кои филмот го гледаат од друг агол. 

Сите проекции почнуваат во 20:00 часот. Влезниците чинат 200 денари и може да се купат на влез или на онлајн платформата mktickets.mk.

е-Трн да боцка во твојот инбокс