Две нови експлозии во Франкфурт: Цел биле кафуле и наргиле-бар

Детонациите рано изутрина предизвикаа сериозна материјална штета на два објекта и соседна банка, во низата напади што ја тресат областа.

Две нови експлозии во Франкфурт утринава оштетија угостителски објекти на две фреквентни локации во градот. Околу 4:20 часот непознати направи детонирале пред кафуле во квартот Норденд и пред наргиле-бар на познатата улица Зеил. Полицијата потврди дека нема повредени лица, но е причинета значителна материјална штета. Ова е последен инцидент во серијата слични напади со експлозивни направи регистрирани изминативе денови во Франкфурт и соседниот Офенбах.

Првата експлозија се случила пред кафулето „Рио“ на улицата Бергер. Силината на детонацијата била толку голема што испукале прозорците на околните згради и ги разбудила станарите во квартот Норденд.

Оштетувања има на влезот од самиот локал, но настрадаа и соседниот бар за супи и експозитурата на штедилницата „Шпаркасе“. Оштетен е и најмалку еден паркиран автомобил во близина.

Речиси во исто време, втора експлозивна направа експлодирала пред наргиле-барот „Трут“ на улицата Зеил. Влезот во објектот е целосно демолиран, а стаклата се расфрлани по тротоарот.

Полициските екипи веднаш ги блокираа двете локации и вршат детален увид. Иследниците прибираат материјални докази и траги од експлозивот за да се утврди типот на употребените направи.

Овие детонации се надоврзуваат на серијата безбедносни инциденти во регионот. Во понеделникот експлозија оштети станбена зграда во франкфуртскиот кварт Бокенхајм, а во неделата утрината слични детонации беа пријавени и на подрачјето на Офенбах.

Полицијата во Хесен истражува дали постои директна поврзаност меѓу нападите врз угостителските објекти и претходните инциденти, додека мотивите и сторителите сè уште не се познати.

е-Трн да боцка во твојот инбокс