Двајца приведени по ноќниот напад со камења врз седиштето на ЕУЛЕКС во Приштина

Полицијата интервенираше пред базата на мисијата на ЕУ, откако по пресудите од Хаг низ Приштина граѓаните протестираа.
Фото: EPA/ARBEN LLAPASHTICA

Косовската полиција приведе две лица по синоќешниот инцидент во кој група демонстранти го каменуваше седиштето на ЕУЛЕКС крај Приштина. Нападот се случи во текот на ноќта по масовните протести поради првостепените затворски пресуди од Хашкиот суд против поранешните водачи на ОВК, Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими. На еден од приведените веќе му е одредена мерка притвор од 48 часа.

Групата демонстранти фрлаше камења и тврди предмети кон главната зграда на Мисијата на Европската Унија за владеење на правото, при што оштети неколку прозорци на објектот.

Полициските сили брзо воспоставија кордон околу базата. Растерувањето на толпата заврши со приведување на двајца учесници. Едното лице веднаш доби 48-часовен полициски притвор под сомнеж за учество во толпа што врши кривично дело и оштетување на имот, додека за второто постапката се води во редовна процедура.

Револтот ескалираше откако илјадници граѓани организирано го следеа изрекувањето на пресудата преку видеобимови на плоштадот „Захир Пајазити“. Судскиот совет во Хаг изрече казни од 15 до 20 години затвор за четворицата поранешни челници, прогласувајќи ги за виновни за воени злосторства и злосторства против човештвото.

Атмосферата во градот беше вжештена цела вечер. Толпата палеше пиротехника, вееше знамиња на ОВК и извикуваше пароли против специјалниот суд, а поединечни групи претходно се обидоа да урнат и дел од заштитната ограда пред зградата на Владата.

Косовската полиција распореди дополнителни сили пред странските амбасади, седиштата на меѓународните мисии и владините институции во главниот град. Присуството на редовните и специјалните единици останува видливо на сите клучни сообраќајници.

Официјалните институции на Косово ја оценија пресудата како тежок удар за ослободителната борба, но од раководството на полицијата апелираа собирите да не прераснуваат во насилство и оштетување на меѓународниот и јавниот имот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс