Дваесет години по неговата смрт, стиховите и прозата на Петре М. Андреевски сè уште се дел од македонското книжевно и културно паметење. Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје ќе ја одбележи годишнината со пригодна програма посветена на неговиот живот и дело.
Одбележувањето ќе опфати книжевна поставка, тематски осврти, како и читање на избрани стихови и текстови од Андреевски. Петре М. Андреевски останува еден од авторите чие творештво силно го одбележа современиот македонски книжевен простор. Во неговата поезија и проза се испреплетуваат човекот и неговата внатрешна борба, Македонија, јазикот, сеќавањето, корените и прашањето што останува зад нас.
„Петре М. Андреевски не пишуваше само за своето време. Пишуваше за човекот, за Македонија, за јазикот, за корените и за она што останува и тогаш кога времето се обидува да го избрише“, велат од Градската библиотека „Браќа Миладиновци“.
Со одбележувањето библиотеката потсетува дека дваесет години по заминувањето на авторот, неговото творештво продолжува да се чита, толкува и пренесува на нови генерации.