Два брода се судрија кај Истанбул: Исчезна контактот со брод со 10 членови на екипажот

Два турски трговски брода се судрија во Мраморното Море кај Истанбул. Контактот со едниот брод е изгубен, а во тек е потрага по неговите 10 членови на екипажот.

Два трговски брода под турско знаме се судрија во текот на ноќта во Мраморното Море, во близина на Истанбул, по што властите го изгубиле контактот со едниот од нив. Според канцеларијата на гувернерот на Истанбул, несреќата се случила во близина на областа Силиври. Во судирот учествувале бродовите „Алсу“ и „Тугберк Имамоглу“.

„Алсу“, кој пловел кон егејското пристаниште Алиага, се судрил со „Тугберк Имамоглу“, кој бил на пат кон црноморското пристаниште Карадениз Ерегли.

Во тек голема потрага по исчезнатиот екипаж

По несреќата, турските власти испратиле бродови на крајбрежната стража и хеликоптери за пребарување и спасување. На „Алсу“ не е забележана видлива штета, но властите не успеале да воспостават контакт со „Тугберк Имамоглу“.

На бродот се наоѓаат 10 членови на екипажот, по кои во моментов се трага. Според податоците на Трговската комора за поморска трговија на Истанбул, „Тугберк Имамоглу“ е товарен брод во сопственост на компанијата „Зејбе Денизчилик“, додека „Алсу“ е танкер за транспорт на хемикалии, во сопственост на компанијата „Озпулатане Дениз Тасимачилиги“.

Операцијата за пребарување и спасување сè уште е во тек, а засега нема дополнителни информации за судбината на десеттемина членови на екипажот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс