До 7:30 часот утрово во земјава се регистрирани вкупно 27 пожари на отворен простор, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од нив, два пожари се активни, три се под контрола, а 22 се целосно изгаснати.
Активен е пожарот во Општина Маврово и Ростуше, на месноста Голем Брдаш, каде што гори шума. Вториот активен пожар е во Шуто Оризари, во Визбегово, зад хотелот „New Star“, каде што гори депонија.
Три пожари ставени под контрола
Под контрола се пожарите над селото Палиград – Преслап, во Општина Зелениково, каде што е зафатена мешана шума, како и пожарот во селото Копаница, Општина Сарај, каде што гори нискостеблеста шума и ниска вегетација. Под контрола е и пожарот кај селата Пискупштина, Буринец и Локов во Струга, каде што е зафатена нискостеблеста шума.
Во едно деноноќие изгаснати 22 пожари
Во текот на изминатото деноноќие се изгаснати 22 пожари на различни локации низ земјава. Пожари биле регистрирани во Ѓорче Петров, Студеничани, Сарај, Ресен, Ново Село, Радовиш, Велес, Чашка, Демир Капија, Македонски Брод, Штип, Чешиново-Облешево, Делчево, Пехчево, Куманово, Липково, Старо Нагоричане, Теарце и Боговиње.
Во пожарите била зафатена различна вегетација и материјали, меѓу кои ниска вегетација, шума, борови шуми, папрат, депонии и бали со сено. Според ЦУК, состојбата со пожарите се следи континуирано.