Дунав пресушува, нуклеарките запираат: Дали новиот енергетски шок ќе стигне и до Македонија?

Рекордно нискиот водостој веќе го запре производството во Романија и ја доведе унгарската централа Пакш пред целосно исклучување. Струјата поскапува на регионалните берзи, а клучното прашање е колку долго Македонија може да се заштитува со сопственото производство.

Дунав повеќе не е само река со рекордно низок водостој. Во изминатите денови тој стана енергетски проблем за половина Европа.

Романија ги исклучи двата реактори во нуклеарната централа Чернавода, Унгарија ја сведе Пакш на само десетина проценти од капацитетот, а нискиот водостој го намалува и производството на хидроцентралите долж реката. Последицата веќе се гледа на регионалните берзи, каде што цените на електричната енергија повторно растат.

Но што значи тоа за Македонија? Може ли проблемот со водата во Дунав да заврши во сметките за струја на македонските граѓани?

Пакш работи на минимум, целосното гасење сè уште е пред неа

Унгарската нуклеарна централа Пакш, која обезбедува околу 40 проценти од производството на електрична енергија во земјата, работи со само околу 240 мегавати наместо со вообичаените два гигавати.

Централата сè уште не е целосно исклучена, како што првично беше најавено. Унгарските власти во понеделникот соопштија дека минималното производство може да продолжи уште ден или два, но доколку Дунав продолжи да опаѓа, целосното гасење ќе стане неизбежно. Тоа би било првото вакво исклучување на Пакш во нејзината 44-годишна историја. Ројтерс

Причината не е недостиг на нуклеарно гориво, ниту технички дефект во реакторите. Проблемот е водата.

Четирите реактори од руско производство се ладат со вода од Дунав. По повеќемесечната суша и топлотните бранови, реката падна на ниво на кое централата веќе не може безбедно да ја извлекува потребната количина вода.

Унгарскиот премиер Петер Маѓар предупреди дека земјата ја очекуваат критични денови и ги повика компаниите и граѓаните доброволно да ја намалат потрошувачката. Прашањето повеќе не е само колку ќе чини струјата, туку дали системот ќе има доволно производство во часовите кога побарувачката е најголема.

Романија првпат остана без двата реактори

Во Романија проблемот веќе не е предупредување, туку реалност.

Двата реактори од по 706 мегавати во нуклеарната централа Чернавода се исклучени поради историски нискиот водостој на Дунав. Ова е првпат двата реактори истовремено да престанат да произведуваат струја поради недостиг на вода за ладење.

Чернавода во нормални услови обезбедува околу една петтина од романската електрична енергија. Со нејзиното исклучување, земјата мора да бара поголем увоз токму во период кога и соседите се соочуваат со истиот проблем. Ројтерс

Тоа е најопасниот дел од кризата: сите бараат струја од ист регионален пазар, во исто време.

Нискиот водостој го погоди и производството на хидроцентралите на Ѓердап, додека електраните во други делови од Централна Европа мораат да го намалат производството или да приспособат дел од работата. Климатската криза, во овој случај, не ја погодува само една технологија. И нуклеарките, и хидроцентралите, и дел од термоцентралите зависат од доволно количество вода.

Кога недостигаат мегавати, берзите реагираат први

Регионалниот пазар веќе го пресметува ризикот.

Цената на унгарската берза HUPX се искачи над 150 евра за мегават-час, додека на македонската берза МЕМО беа регистрирани цени над 100 евра. Раст има и на пазарите во Романија, Австрија, Бугарија, Хрватска и Германија.

Тоа не значи дека сметките на македонските домаќинства утре автоматски ќе пораснат. Но значи дека секој мегават-час што Македонија ќе мора да го увезе ќе биде поскап.

Оттука произлегува поважното прашање: колку струја можеме да произведеме сами ако кризата продолжи и во есента?

Македонија беше речиси самодоволна во мај — но дали е тоа доволно?

На прв поглед, последните домашни бројки делуваат охрабрувачки. Во мај 2026 година во Македонија биле произведени 462.653 мегават-часа електрична енергија, што покрило 96,5 проценти од домашната потрошувачка, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Но еден добар месец не значи и стабилен систем.

Домашното производство значително осцилира во зависност од работата на блоковите во РЕК Битола, состојбата на хидроакумулациите, сончевите и ветерните капацитети и потребата од ремонти. Македонија во мај може да покрие речиси сè што троши, а неколку месеци подоцна да мора да купува значителни количества на регионалниот пазар.

Токму таа непредвидливост е слабата точка. Не сме постојано зависни од увоз, но немаме ниту доволно сигурна производствена база за да бидеме мирни кога цените во регионот нагло растат.

Старите термоцентрали стануваат скапа осигурителна полиса

Дополнителен проблем е состојбата на домашните термоенергетски капацитети.

Рудниците располагаат со сè помали количества квалитетен јаглен, поради што ЕСМ мора да увезува јаглен и дополнителни горива. РЕК Осломеј веќе произведува минимални количества, а блоковите во РЕК Битола се стари и подложни на дефекти и прекини.

ТЕЦ Неготино може да биде вклучена во критични периоди, но нејзиното производство на мазут е скапо. Таа станува економски оправдана само кога берзанската струја е исклучително скапа — токму како во периодов.

Но дали старите термоцентрали треба да бидат главната одбрана на Македонија од климатски предизвикана енергетска криза? И колку долго државата може да плаќа увезен јаглен, мазут и скапа берзанска струја, наместо да обезбеди посигурни домашни капацитети?

Домаќинствата засега се заштитени, стопанството не е

Македонските домаќинства засега не ја плаќаат директно берзанската цена. ЕСМ му продава електрична енергија на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум по регулирана цена, значително пониска од моменталните регионални цени.

Тој механизам функционира сè додека ЕСМ може да испорача доволно домашна струја.

Компаниите што набавуваат електрична енергија на слободниот пазар немаат таква заштита. За нив регионалниот раст може веднаш да значи повисоки трошоци, поскапо производство, а на крај и повисоки цени на производите и услугите.

Затоа сушата на Дунав не е далечна еколошка вест. Таа е тест за целиот регионален енергетски систем и предупредување за Македонија.

Ако Пакш целосно запре, ако Чернавода остане надвор од мрежата и ако хидропроизводството продолжи да паѓа, регионот ќе влезе во есента со помалку струја и поскапи мегавати.

е-Трн да боцка во твојот инбокс