Невообичаени сцени се забележани на Дунав кај Бездан во Србија, каде што водостојот падна на минус 133 сантиметри и опасно се приближува до историскиот минимум од 1909 година.
Според прогнозата на РХМЗ, веќе на почетокот на следната недела водостојот би можел да падне и до рекордни минус 147 сантиметри.
Таму каде што некогаш имало вода, сега се оди пеш
Нискиот водостој ја промени сликата на реката. На места каде што некогаш се пловело, денес се појавуваат песочни наноси и делови од коритото кои со години биле покриени со вода и кал.
Мештани за Н1 велат дека не паметат Дунав да бил толку низок.
„Не памтам дека Дунав некогаш бил олку низок, ова е навистина поразително, вода нема“, изјави мештанинот Милан Хиниќ, кој вели дека тука лови риба цел живот.
Според него, реката некогаш изгледала моќно, а сега на делови личи на мала река. Тој посочува дека бродовите речиси и да не пловат, а ако водостојот продолжи да паѓа, проблем би можеле да имаат и чамците.
Песок среде Дунав и загриженост кај рибарите
Во викенд-населбата кај Бездан, рибарите велат дека ваква слика не паметат ниту постарите жители. Реката открила песочни површини што претходно не биле видливи.
„Овој песок првпат сега се гледа. Песок среде Дунав не се гледал“, вели рибарот Драгољуб Бановиќ за Н1.
Тој предупредува дека нискиот водостој се повторува од година во година и дека тоа влијае и врз живиот свет во реката.
„Некогаш напролет водата редовно се креваше, рибата се мрестеше, а сега нема каде да се мрести“, објаснува Бановиќ.
Прогласена вонредна состојба во повеќе општини
Поради нискиот водостој и последиците врз хидросистемот, Покраинската влада прогласи вонредна состојба во општините Сомбор, Кула и Врбас.
Одвоени се 270 милиони динари за итни мерки за зачувување на Хидросистемот Дунав–Тиса–Дунав.
Последиците од нискиот водостој веќе не се гледаат само на брегот. Плитките делови ја отежнуваат пловидбата и транспортот на нафта, хидроелектраните произведуваат помалку струја, а загрозен е и речниот екосистем.