Пад на пазарот на луксуз во Дубаи: недвижности се продаваат со попусти до 25 проценти

Војната на Блискиот Исток силно го разниша еден од најскапите пазари на недвижности во светот. Продажбата во Дубаи паднала за 19 проценти во мај, а агентите велат дека дел од луксузните имоти сега се продаваат со попусти од 20 до 25 проценти.

Пазарот на недвижности во Дубаи, кој во последните години важеше за еден од најбрзорастечките и најлуксузните во светот, бележи остар пад.

Според анализата на компанијата ValuStrat, продажбата во мај се намалила за 19 проценти во споредба со претходниот месец. Падот е значително посилен од априлскиот, кога продажбата била намалена за 4 проценти.

Бројот на трансакции сега е под половина од нивото забележано во истиот период минатата година.

„Пазарот на готови недвижности не забележал годишен пад од ваков обем од пандемијата“, изјави Хајдер Туаима, раководител за истражување на пазарот на недвижности во ValuStrat, консултантска компанија со седиште во Дубаи.

Од бум до нагло ладење

Дубаи во изминатите години доживеа силен бум на пазарот на недвижности. Градот привлече голем број богати купувачи и инвеститори, меѓу другото и поради политиката на нула данок на доход.

Но, избувнувањето на војната на Блискиот Исток го разниша пазарот. Според објавените податоци, во март ирански проектил погодил луксузен хотел во познатата област Palm Jumeirah, што дополнително ја зголемило несигурноста кај купувачите.

Посебна анализа на истражувачката компанија Reidin покажува дека во мај биле продадени недвижности во вредност од 22,5 милијарди дирхами, односно околу 6,1 милијарди долари. Тоа е 42 проценти помалку отколку во април.

За споредба, еден месец пред почетокот на конфликтот биле забележани трансакции во вредност од 46,6 милијарди дирхами.

„Во март владееше голема паника“

Агентите за недвижности велат дека продавачите на луксузни вили и станови веќе ги намалиле цените за огромни суми.

Јасин Валимула, агент во Дубаи специјализиран за недвижности вредни најмалку 10 милиони долари, вели дека ретките продажби што сега се случуваат се затвораат со попусти од 20 до 25 проценти во однос на цените пред конфликтот.

„Во последната година и пол продававме недвижности на супербогати клиенти. Сите тие сега го напуштија Дубаи. Во март владееше голема паника и ситуацијата ни денес не е јасна. Купувачите од Западна Европа сега се повнимателни. Мислам дека ќе чекаат една, можеби и две години, во зависност од тоа како ќе се развива ситуацијата“, изјави Валимула.

Пазарот се коригира

Ова е силен пресврт за Дубаи, кој минатата година беше најактивниот град во светот според прометот со луксузни недвижности.

Според меѓународната агенција Knight Frank, кон крајот на 2025 година во Дубаи биле продадени повеќе недвижности вредни меѓу 2,5 и 10 милиони долари отколку во кој било друг град во светот, пред Лондон, Њујорк, Лос Анџелес и Хонгконг.

Во сегментот на недвижности над 10 милиони долари, Дубаи забележал 9.050 продажби, во споредба со 6.577 во Њујорк и 3.089 во Лондон.

Но, според Валимула, пазарот сега влегува во фаза на корекција.

„Бројките на почетокот беа исклучително високи, особено во последните две години. Такво ниво на пазарот и онака не беше одржливо. Ќе има корекција на цените, само сè уште не знаеме колкав ќе биде нејзиниот ефект додека не добиеме геополитичка јасност“, вели тој.

Супербогатите бараат други дестинации

Дел од најбогатите купувачи сега се насочуваат кон други светски центри, како Милано, Лондон и Сингапур.

Ричард Вајнд од групацијата Cencorp предупредува дека падот на продажбата ќе создаде сериозен притисок врз помалите агенции за недвижности во Дубаи.

„Војната беше црн лебед, огромен и брз настан. Падот на продажбата создава притисок врз помалите агенции што се појавија на прегреаниот пазар. Пред десет години имаше околу 1.000 брокери, сега ги има околу 10.000. Тој број ќе падне“, вели Вајнд.

Пазарот што до неодамна изгледаше незапирливо, сега влегува во период на неизвесност. А Дубаи, симболот на луксуз, брзи пари и недвижности без плафон, за првпат по пандемијата се соочува со прашањето колку навистина може да издржи еден прегреан пазар кога геополитиката ќе тропне на врата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс