Државната матура во 2026 година ќе се спроведува по нов модел, согласно измените во Законот за средно образование, при што матурантите ќе полагаат три различни вида завршен испит – државна матура, државна стручна матура и државна уметничка матура.
Според надлежните, причината за оваа промена е разликата во наставните програми меѓу гимназиите, стручните и уметничките училишта, па затоа испитите ќе бидат прилагодени на материјалот што учениците го изучувале во текот на четирите години средно образование.
Министерката за образование Весна Јаневска изјави дека очекувањето е процесот да се одвива без поголеми неправилности, нагласувајќи дека во изминатата година бил забележан помал број обиди за препишување и дека тоа е позитивен сигнал за системот.
Таа додаде дека целта е матурата да се сфати како завршен чекор од средното образование и реална проценка на знаењето, а не како стресен и проблематичен испит.
Според календарот на Државниот испитен центар, гимназијалците првиот испит ќе го полагаат на 6 јуни (странски јазици, математика или историја), додека вториот дел од испитот по мајчин јазик е закажан за 11 јуни.
Учениците од стручните училишта ќе имаат прв испит исто така на 6 јуни (англиски јазик или математика), а вториот дел на 12 јуни по мајчин јазик и литература.
Кај уметничките училишта, првиот екстерен испит ќе се полага на 6 јуни (англиски јазик или историја), а вториот на 12 јуни.
Со новиот систем се воведува поголема диференцијација меѓу образовните профили, со цел испитувањето да биде пофер и поблиску до реалното знаење на учениците.