Дроновите што минатата недела ја таргетираа единствената нуклеарна електрана во Обединетите Арапски Емирати биле лансирани од територијата на Ирак, соопштија властите на ОАЕ во вторникот. Инцидентот претставува сериозна ескалација на нападите што ги спроведуваат групи поддржани од Техеран, а кои повторно ја ставаат на удар енергетската инфраструктура во Персискиот Залив, пишува „Еуроњуз“.
Напад врз нуклеарката
Во неделата, на 17 мај, дрон за кој никој не презеде одговорност погодил електричен генератор во близина на нуклеарната електрана „Барака“ во емиратот Абу Даби. Ударот предизвикал пожар, но немало повредени ниту е регистрирано истекување на радијација. Уште два дрона биле пресретнати. Електраната „Барака“, сместена во близина на границите со Саудиска Арабија и Катар, е клучен енергетски објект, а нападот предизвика загриженост за можни последици низ целиот регион.
„Во рамки на истрагата за нападот врз нуклеарната електрана ‘Барака’, преку техничко следење и надзор е потврдено дека сите три дрона потекнуваат од територијата на Ирак“, соопшти Министерството за одбрана на Емиратите.
Ден претходно, ОАЕ соопштија дека истражуваат „неиспровоциран терористички напад“, наведувајќи дека дронот што удрил во близина на електраната „влегол во воздушниот простор на земјата од западната граница“, но тогаш не беше посочен можен извршител.
Реакции од Багдад и Абу Даби
Иако директно не ги коментираше наводите на емиратското Министерство за одбрана, портпаролот на ирачката влада Басем ал-Авади објави соопштение во кое Багдад „остро ги осудува неодамнешните напади со дронови насочени кон ОАЕ“.
„Исто така ја нагласуваме важноста од ефикасна регионална и меѓународна соработка за да се спречи каква било ескалација или нарушување на стабилноста во регионот, како и секое загрозување на безбедноста и суверенитетот на братските и пријателски држави“, додаде Ал-Авади.
Од друга страна, истакнатиот емиратски дипломат Анвар Гаргаш индиректно ги критикуваше некои земји во регионот поради нивниот неодлучен став.
„Збунувачка е оваа мешаница на улоги за време на подмолната иранска агресија, која ги опфаќа и соседните држави од арапскиот Залив“, напиша дипломатскиот советник на претседателот на ОАЕ на платформата Икс.
„Улогата на жртва се испреплетува со улогата на посредник и обратно, а пријателот се претвора во посредник наместо во цврст сојузник и поддршка. Во оваа најопасна фаза од модерната историја на Заливот, сивата позиција е поопасна од целосна пасивност“, порача Гаргаш.
Поширок контекст на конфликтот
Според американски официјални претставници, милициите во Ирак поддржани од Техеран, кои дејствуваат под капата на Народните мобилизациски сили, извеле повеќе од 600 напади врз американски воени бази во земјата од почетокот на војната со Иран.
Меѓу тие паравоени групи најактивна е „Катаиб Хезболах“, организација што САД ја сметаат за терористичка. Таа повеќепати ги таргетираше и земјите од Заливот, и покрај осудите од Багдад, кој се обидува да го ограничи нивното дејствување. Иранското влијание во Ирак значително порасна по американската инвазија во 2003 година и соборувањето на Садам Хусеин, што создаде вакуум на моќ кој Техеран го искористи преку финансирање, вооружување и обука на мрежа паравоени сили. Со текот на времето, тие прераснаа во паралелна безбедносна структура што функционира покрај ирачката држава, а често и надвор од нејзина контрола.
Од почетокот на нападите на САД и Израел врз Иран на 28 февруари, Техеран возвраќа со напади врз ОАЕ и други земји од Заливот, таргетирајќи претежно енергетска и економска инфраструктура. Нуклеарната електрана „Барака“, која произведува околу една четвртина од електричната енергија во Емиратите, до неделата важеше за недопирлива цел. Но, иранските државни медиуми уште во март објавија список со потенцијални цели, на кој се наоѓала и „Барака“.