Јубилејното 10-то издание на фестивалот за краток филм „Дрим Шорт“ денеска го одбележува својот последен ден во Струга. Програмата започнува во 17 часот во Europe House Struga со проекцијата на филмот „Колку чини водата“ во режија на Сара Александровска и Еко-хакатон организиран во соработка со Еко-свест Вевчани.
Денеска е воедно и последна можност за посетителите да ја погледнат Специјалната ВР програма лоцирана во Дуќан, која ги опфаќа виртуелните искуства „Shelter“ и „8 billion selves“.
По почетниот еколошки блок, филмската програма во Europe House Struga продолжува во 19 часот со вториот дел од студентската натпреварувачка програма. На репертоарот се филмовите „Grandpa’s Fur“ во режија на Теодор Стоилов и Нели Рајала, „Rage“ од Фран Морено Бланко и Санти Пујол Амат, како и „Ends and beginnings“ на Клаудија Фортуниак.
Во вечерните часови, со почеток во 20:30 часот, настаните се селат во Паркот на поезијата, каде што ќе се прикаже мешаната натпреварувачка програма. Читателите и филмската публика ќе имаат можност да ги видат остварувањата „Eraserhead in a Knitted Shopping Bag“ (Лили Кос) во меѓународната програма, „SOS“ (Анита Морина) во регионалната, „Intersecting Memory“ (Шајма Ававде) во програмата „Соочување со минатото“, како и македонскиот филм „Christmas Lights“ во режија на Ѓорѓи Лазов.
По завршувањето на проекциите е предвидена серија прашања и одговори со присутните автори, модерирана од Златко Ѓелески. Фестивалската вечер ќе заокружи со официјалното доделување на наградите за сите натпреварувачки категории. Влезот за сите настани од програмата е бесплатен.