Драма на летот Варшава – Тел Авив: Активиран сигнал за киднапирање, Израел крена борбени авиони

Авион кој летал од Варшава кон Тел Авив испратил сигнал за киднапирање, по што Израел подигнал борбени авиони. Предупредувањето подоцна било повлечено, а истрагата е во тек.

Вистинска драма се одвиваше на летот од Варшава кон Тел Авив, откако патнички авион испратил сигнал за можно киднапирање, по што Израел веднаш подигнал борбени авиони.

Според првичните информации, авионот Airbus A320 на компанијата Electra Airways полетал од Варшава во 11:35 часот. Откако навлегол во воздушниот простор на Романија и Бугарија, бил активиран таканаречениот „hijacking“ сигнал (код 7500), кој означува можно незаконско преземање на контролата врз авионот.

Леталото потоа продолжило над Турција, но наместо да се упати кон Тел Авив, кружело во близина на Кипар. Откако не добило дозвола за слетување, авионот ја променил рутата и повторно се насочил кон турскиот воздушен простор.

Во меѓувреме, израелските медиуми објавија дека биле подигнати борбени авиони поради добиениот сигнал за можно киднапирање на патничкиот авион. Подоцна предупредувањето било повлечено, а воздухопловните власти започнале истрага за да утврдат што точно се случило.

Засега не е познато зошто бил активиран кодот 7500, ниту дали станува збор за реална закана, техничка грешка или погрешно испратен сигнал.

Поради необичниот развој на настаните, летот стана еден од најследените во живо на платформата Flightradar24. Според досегашните информации, нема потврда дека патниците или екипажот биле во непосредна опасност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс