Здружението за субкултура „ПП Џез Фестивал Прилеп“, организатор на „Prilep Jazz Weekend“, го најави првиот настан од јубилејното 15. издание на фестивалот, концерт на Драган Даутовски.
Концертот ќе се одржи на 23 август 2026 година, недела, со почеток во 18:30 часот, на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука.
Со овој настан продолжува традиционалната соработка со Центарот за истражување на праисторијата, преку која фестивалот ги поврзува музиката, културата и археолошкото наследство.
Врбјанска Чука и годинава ќе биде простор за поинакво концертно искуство, со музика во амбиентот на еден од значајните праисториски локалитети во регионот.
Организаторите упатија благодарност до Општина Прилеп, Општина Кривогаштани, општествено одговорната компанија „Гурмано“, како и до сите поддржувачи кои придонесуваат за реализацијата на настанот.
Главната фестивалска програма во октомври
По концертот на Врбјанска Чука, јубилејното издание на „Prilep Jazz Weekend“ ќе продолжи со официјалната фестивалска програма.
Таа ќе се одржи на 1, 2 и 3 октомври во просториите на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп.
Деталната програма за трите фестивалски вечери ќе биде дополнително објавена од организаторите.