„Добри луѓе“ вечерва пред македонската публика: Манчевски ја носи приказната за Кочани на „МакеДокс“

„Добри луѓе“ е снимен со мала филмска екипа, само еден месец по трагедијата од 16 март 2025 година, во која загинаа 63 лица. Манчевски не се определува за реконструкција на настаните, туку камерата ја насочува кон луѓето и нивните лични сведоштва.

Документарниот филм „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски вечерва ќе ја има македонската премиера на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“. Проекцијата е закажана за 21 часот во Куршумли ан, а билетите за премиерата се веќе распродадени.

Филмот ја раскажува приказната за Кочани преку сведоштвата на луѓето чии животи засекогаш се променија по пожарот во дискотеката „Пулс“ – преживеаните, семејствата на загинатите и оние кои во најтешките моменти се обидувале да помогнат и да спасат животи.

„Добри луѓе“ е снимен со мала филмска екипа, само еден месец по трагедијата од 16 март 2025 година, во која загинаа 63 лица. Манчевски не се определува за реконструкција на настаните, туку камерата ја насочува кон луѓето и нивните лични сведоштва.

„Хероите не се војсководците, туку добрите луѓе“, вели режисерот, објаснувајќи ја идејата зад насловот на документарецот.

Светската премиера се одржа на 16 август, во официјалната документарна конкуренција на 32. Сараевски филмски фестивал. Филмот привлече внимание со воздржаниот пристап, без драматизација, со фокус врз сведоштвата и искуствата на луѓето што ја преживеале трагедијата или ги загубиле своите најблиски. Македонската премиера доаѓа само една недела по Сараево и предизвика голем интерес кај домашната публика. Распродадената проекција во Куршумли ан е првата фестивалска средба на „Добри луѓе“ со македонските гледачи.

По „МакеДокс“, филмот од 26 август ќе се прикажува и во скопскиот „Синеплекс“. Приходот од билетите од овие проекции е најавено дека ќе биде дониран преку „Сапорт Кочани“ за помош на погодените од трагедијата.

Манчевски го реализирал документарецот со сопствени средства, без финансиско учество на Агенцијата за филм. Во неговиот фокус не се институциите и политичките толкувања, туку луѓето – оние што преживеале, оние што изгубиле и оние што во ноќта на пожарот избрале да помогнат.

е-Трн да боцка во твојот инбокс