Добила лото, но од продавницата ѝ го фрлиле ливчето како недобитно

Добитничка на лото џекпот вреден 12 милиони фунти чие ливче случајно завршило во ѓубре, поради што сега мора да чека пет месеци за да дознае дали воопшто ќе ги добие парите. Кат Мејн, 46-годишна секретарка во рагби клуб од Аберсинон во Јужен Велс, вели дека неизвесноста ја држи постојано вознемирена додека операторот на лотаријата Алвин истражува дали добитното ливче е навистина нејзино, пренесува Би-Би-Си.

Дури и ако Алвин одлучи во нејзина корист, исплатата нема да пристигне пред 3 декември, според правилата за изгубени ливчиња.

Мејн ги игра истите шест броја, 8, 10, 26, 30, 35 и 42, дваесет години, а тие потекнуваат од важни датуми за неа и нејзиниот сопруг Маркус. Ливчето го однела на проверка во продавницата Лондис во Аберсинон, каде што ѝ рекле дека не е добитно, а грешката ја сфатила дури откако ѓубрето од продавницата веќе било однесено. Тогаш таа поднела доказ за купување до Алвин, заедно со снимка од видео надзор од моментите кога ливчето било скенирано.

Уредот за проверка на добивките во продавницата можеби е причината за грешката. Сопственикот Каран Кумар рече дека уредот можел да има дефект, но истакна дека продавницата моментално нема сопствен видеонадзор бидејќи е во тек на реновирање, и додаде дека би било неверојатно ако навистина се докаже дека Мејн е добитничка. Продажбата на лото ливчиња во продавницата е запрена и терминалот за лотарија е исклучен.

Од Алвин потврдуваат дека постапката за проверка е во тек и истакнуваат дека тие се единствениот голем оператор на лотарија кој им овозможува на играчите да побараат награда доколку нивниот добитен тикет е изгубен, украден или уништен. Конечната одлука за тоа дали џекпотот ѝ припаѓа на Мејн се очекува во рок од 30 дена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс