Филмот „До балчак“ во режија на Столе Попов вечерва во 18:30 часот ќе биде прикажан во киното „Мис Стон“ во Прилеп. Бесплатната проекција се организира по повод празникот 11 Октомври, а заинтересираните граѓани можат да ги подигнат билетите на билетарницата во киното од 11 до 13 часот.
Станува збор за историска драма според сценарио на Горан Стефановски, која ја отвора темата за македонската историја, борбата за идентитет и самостојност, но и за сложените односи меѓу слободата, љубовта, правдата, жртвата и предавството. Во филмот играат Сашко Коцев, Тони Михајловски, Мартин Јорданоски, Инти Шрај, Сенко Велинов, Мики Манојловиќ, Никола Којо, Никола Ристановски и други актери.
Дејството се одвива во 1907 година, во Отоманска Македонија, неколку години по задушувањето на Илинденското востание. Во земја разурната од насилство и неизвесност, приказната го следи љубовниот четириаголник меѓу Крсто, идеалистички комита, Музафер, безмилосен турски офицер, Филип, млад човек кој се враќа од студии во Европа, и Тереза, слободоумна Европејка во потрага по авантура.
Нивните судири и лични избори отвораат пошироки прашања за идеалите, моќта, слободата и човечката цена на историските превирања. „До балчак“ ги соочува легендите и националните митови со суровата реалност, нудејќи приказна во која историските апсурди и личните трагедии се испреплетуваат со борбата за сопствен идентитет.