Поројни поплави го погодија главниот град на Чиле: Буиците носеа автомобили, над 1.000 луѓе евакуирани

Обилните дождови предизвикаа свлечишта и поплавија домови во Сантијаго и околината. Најмалку шест лица се повредени, а реката Мапочо се излеа од коритото, поради што властите наредија евакуација на населението.

Силно невреме проследено со обилни дождови вчера го погоди главниот град на Чиле, Сантијаго, и околните населени места. Најмалку шест лица се повредени, а поројните води предизвикаа свлечишта што носеа автомобили, додека поплавените домови принудија дел од жителите да ги напуштат своите куќи, објави „Еуроњуз“.

Поради опасноста од нови свлечишта и други вонредни ситуации, властите прогласија високо ниво на подготвеност во уште десет чилеански окрузи. Претседателот на Чиле, Хозе Антонио Каст, прогласи вонредна состојба во Лас Кондес, богато источно предградие на Сантијаго, со што државните институции добија поголеми овластувања за интервенција.

Градоначалничката на Лас Кондес, Каталина Сан Мартин, изјави дека во изминатите денови наврнале 14,4 сантиметри дожд, што е околу девет пати повеќе од просекот за октомври. Таа предупреди дека земјиштето во целото подрачје е целосно натопено, што дополнително го зголемува ризикот од нови поплави и свлечишта.

Реката Мапочо, која тече низ Сантијаго, се излеа од коритото, по што беа издадени наредби за евакуација на населението во загрозените подрачја. Чилеанската агенција за управување со катастрофи нареди и училиштата да останат затворени поради опасните временски услови.

Над 1.000 луѓе спасени или евакуирани

Според официјалните податоци, невремето уште на почетокот на неделата оштетило десетици куќи во централниот дел на Чиле. Во Сантијаго, речиси 12.000 домаќинства останале без електрична енергија, а пожарникарите потврдиле дека спасиле или евакуирале повеќе од 1.000 лица.

Меѓу повредените има и едногодишно дете со скршеници. И покрај сериозните последици од невремето, засега нема пријавени смртни случаи, а според прогнозите, врнежите се очекува да ослабнат во текот на денешниот ден.

Поплавите се случуваат во период на засилување на Ел Нињо

Поплавите се случуваат во период кога се засилува климатскиот феномен Ел Нињо. Станува збор за природно, циклично затоплување на водите во тропскиот дел на Тихиот Океан, кое влијае врз временските обрасци во различни делови од светот, а на јужната хемисфера често носи поврнежливи пролетни сезони.

Светската метеоролошка организација во четвртокот објави процена дека врвот на овогодишниот Ел Нињо се очекува во декември. Според организацијата, феноменот би можел да биде меѓу најинтензивните забележани од 1950 година наваму.

е-Трн да боцка во твојот инбокс