Компанијата dm drogerie markt, во соработка со Здружението за промоција и поддршка на здравјето „Матрона“, организира бесплатен едукативен и интерактивен настан на тема „Од бременост до мајчинство: пренатална едукација и грижа за новороденчето“.
Настанот ќе се одржи на 20 мај од 17:30 до 19:30 часот во хотелот „Милениум Палас“ на Широк Сокак во Битола, а е наменет за идни родители и сите заинтересирани за темите поврзани со бременоста, породувањето и првите денови со новороденчето. Организаторите информираат дека бројот на места е ограничен, а пријавувањето се врши преку електронската адреса info@matrona.org.mk.
Предавањето ќе го одржат прим. д-р Марина Поп Лазарова, неонатолог, и дипломираната акушерка Гордана Палашовска. Тие ќе споделат стручни насоки и практични совети за подготовката за породување, пренаталната едукација, како и грижата за мајката и бебето во првите денови по раѓањето.
Учесниците ќе имаат можност да добијат информации за најважните аспекти на родителството, адаптацијата на новороденчето, потребите на мајката по породувањето и создавањето здрави навики уште од најраната возраст.
Организаторите нагласуваат дека ваквите едукативни средби се особено важни бидејќи идните родители често се соочуваат со несигурност, дилеми и голем број непроверени информации. Според нив, навремената едукација и разговорот со стручни лица можат значително да помогнат во подготовката за новата животна улога.
Настанот е дел од иницијативата „Караван на мајчинство“, која dm и „Матрона“ ја реализираат втора година по ред. Во рамки на проектот досега биле организирани повеќе онлајн обуки посветени на дохраната на бебињата, детскиот сон и моторниот развој кај децата.
Со новата средба во Битола, караванот за првпат излегува од онлајн форматот и овозможува директна комуникација меѓу родителите и стручните лица. Од dm велат дека целта е да се создаде простор каде семејствата ќе добијат релевантни информации, практична поддршка и чувство дека не се сами во предизвиците што ги носи родителството.