На 16 јуни со почеток во 20 часот во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ ќе биде промовирана новата поетска збирка „Длабок простор“ од македонскиот поет, есеист и преведувач Зоран Анчевски. Книгата е објавена во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, а за неа ќе зборуваат Лидија Капушевска Дракулевска, Биљана Стојановска и Оливера Ќорвезироска.
„Длабок простор“ е десетта поетска книга на Анчевски и претставува продолжение на неговото препознатливо поетско истражување, но и отворање на нови тематски и стилски хоризонти. Во неа авторот останува верен на својот препознатлив лирски израз, кој се одликува со јазична прецизност, филозофска продлабоченост и внимателно обликувана поетска структура.
Збирката е составена од пролог, пет тематски циклуси и завршна песна – кода, која ја заокружува поетската целина. Концептот на книгата е доследно изграден и нуди патување низ различни слоеви на човечкото искуство, меморијата, времето и просторот.
Ова е втора книга на Анчевски објавена од „Арс Ламина“, по поемата „Коњски житија“, која во 2023 година ја доби престижната награда „Григор Прличев“.
Зоран Анчевски е еден од најзначајните современи македонски поети, но и истакнат книжевен преведувач, есеист и универзитетски професор. Во текот на својата богата кариера објавил повеќе значајни поетски книги, меѓу кои „Небесна пантомима“, „Збунети компаси“, „Див мир“, „Превод на мртвите“ и „Коњски житија“.
За своето творештво добитник е на бројни книжевни признанија, вклучувајќи ги наградите „Браќа Миладиновци“, „Григор Прличев“ и „Ацо Шопов“. Покрај книжевната работа, Анчевски е активен и како преведувач и долгогодишен професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.
Поетската збирка „Длабок простор“ веќе е достапна во поголемите книжарници низ земјата, како и преку онлајн продажната мрежа на издавачот.