Џеф Кроненвет во Битола: Поминав многу време на сетови, гледав, набљудував и учев од татко ми

Кроненвет се потсети на најраните моменти од своето детство, кога филмскиот сет бил дел од неговото секојдневие.

Како дете поминав многу време на сетови бидејќи татко ми беше кинематографер. Гледав, набљудував, сакав да гледам како екипата работи и сакав да бидам дел од тоа искуство, раскажа светски познатиот кинематографер Џеф Кроненвет на работилницата во рамки на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, која ја модерираше Слаѓан Пенев.

Кроненвет се потсети на најраните моменти од своето детство, кога филмскиот сет бил дел од неговото секојдневие. Уште на десетгодишна возраст почнал да експериментира со камерата, снимајќи го својот брат и создавајќи мали сцени во кои, како што раскажа, се обидувал да прикаже и ефекти како повреда од куршум.

„Самото тоа што гледав што се прави на сетовите ми беше интересно. Татко ми дома носеше камери, па ние бевме субјекти“, рече Кроненвет, опишувајќи како љубопитноста и играта со камерата постепено прераснале во професионална определба.

Џеф Кроненвет потекнува од едно од познатите кинематограферски семејства во Холивуд. Неговиот татко, Џордан Кроненвет, беше директор на фотографија на култниот филм „Blade Runner“ (1982), а Џеф уште во младоста почнал да работи на филмски сетови. Зборувајќи за периодот кога неговиот татко го снимал „Blade Runner“, Кроненвет се присети на искуството одблизу да го набљудува создавањето на филмот.

„Кога татко ми го снимаше „Blade Runner“, бев дел од тоа. Само што почнав на колеџ кога се снимаше тој филм. Тоа беше доста тежок филм, многу ноќи се снимаше. Гледав како снимаат, беше прекрасно искуство“, раскажа Кроненвет.

Неговата сопствена кариера подоцна ќе го одведе меѓу најзначајните имиња на современата кинематографија. Препознатлив е по долгогодишната соработка со режисерот Дејвид Финчер, со кого ги создаде визуелните светови на филмовите „Боречки клуб“ (Fight Club), „Социјалната мрежа“ (The Social Network), „Исчезната“ (Gone Girl) и „Девојката со тетоважа на змеј“ (The Girl with the Dragon Tattoo).

За својата работа Кроненвет доби две номинации за „Оскар“ за најдобра кинематографија, за „Девојката со тетоважа на змеј“ и „Социјалната мрежа“.

Кроненвет е познат и по својот придонес во развојот на дигиталната кинематографија, со визуелен пристап во кој светлото, сенките, композицијата и движењето на камерата се користат за создавање атмосфера и за изразување на внатрешната состојба на ликовите.

На овогодишното издание на „Браќа Манаки“, Џеф Кроненвет е добитник на престижната награда „Златна камера 300“ за особен придонес во филмската уметност, со што неговото име се впиша меѓу големите кинематографери кои го добиле највисокото признание на фестивалот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс