Граѓаните од полноќ ќе точат поевтино гориво, откако Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за значително намалување на цените на нафтените деривати. Најголемо поевтинување бележи дизелот, чија цена се намалува за 7 денари по литар.
Според новата одлука, ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе се продава по 84 денари за литар, што е намалување од 3,5 денари, додека ЕУРОСУПЕР БС-98 поевтинува за 4 денари и ќе чини 86 денари за литар. Новата цена на ЕУРОДИЗЕЛ БС ќе изнесува 80,5 денари за литар.
Поевтинува и екстра лесното масло за домаќинство, кое ќе се продава по 79,5 денари за литар, додека цената на мазутот е намалена на 42,291 денари за килограм.
Новите максимални цени што стапуваат на сила од полноќ се:
• ЕУРОСУПЕР БС-95 – 84,00 денари за литар
• ЕУРОСУПЕР БС-98 – 86,00 денари за литар
• ЕУРОДИЗЕЛ БС – 80,50 денари за литар
• Екстра лесно масло за греење – 79,50 денари за литар
• Мазут – 42,291 денари за килограм
Намалувањето на цените доаѓа по падот на котациите на светските пазари на нафта и нафтени деривати, а Владата очекува ефектите да се почувствуваат и во трговијата со прехранбени производи.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека по смирувањето на кризата на Блискиот Исток и поевтинувањето на горивата, компаниите треба да покажат одговорност и да ги намалат цените на основните производи.
„Граѓаните беа толерантни. Сега е ред на компаниите да им возвратат и да преземат чекори за намалување на цените, особено на основните прехранбени производи. Владата има механизми доколку тоа не се случи“, порача Мицкоски.
Тој најави средби со претставници на маркетите и дистрибутерите, како и анализа на цените на основните производи во земјава и регионот. Доколку не дојде до намалување на цените во наредниот период, Владата ќе разгледува дополнителни долгорочни мерки.
Премиерот предупреди дека не се исклучува можноста јавно да бидат објавени имињата на маркетите кои нема да ги следат трендовите на поевтинување и нема да ги намалат цените за потрошувачите.