Што се случува со водата во Гостивар? Обвинителството истражува, Водовод негира одговорност

Над 1200 граѓани побараа лекарска помош, а АХВ ја забрани водата за пиење додека трае анализата на примероците

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) донесе времена забрана за употреба на водата за пиење во Гостивар, откако вонреден инспекциски надзор во пречистителната станица во селото Вруток откри незаконски поставена пумпа на главниот цевковод. Во истиот период, над 1200 граѓани пријавиле дијареа, повраќање и стомачни тегоби, а Основното јавно обвинителство Гостивар истражува дали со диви пумпи била внесувана отпадна и речна вода во водоводната мрежа.

АХВ ја забранува водата по инспекција во Вруток

Агенцијата за храна и ветеринарство во попладневните часови донесе времена забрана за употреба на водата за пиење од гостиварскиот водоводен систем. Причина е сомнение дека водата е загадена и небезбедна за граѓаните.

Одлуката следува по вонреден инспекциски надзор во пречистителната станица во селото Вруток. Надзорот бил иницииран по известување од Основното јавно обвинителство Гостивар, поплаки од граѓани и пријава од Министерството за внатрешни работи. Во контролата учествувале претставници на АХВ, Министерството за животна средина и просторно планирање, обвинителството и крим-техника од СВР Гостивар.

На главниот цевковод инспекторите пронашле пумпа поставена без одобрение. Според првичните сомневања, преку неа директно се вбризгувала вода од реката Вардар во системот за водоснабдување.

Институтот за јавно здравје зеде примероци од водата за лабораториски анализи. АХВ соопшти дека забраната ќе важи сè додека резултатите не ја потврдат безбедноста на водата, а граѓаните се повикани да не ја користат за пиење до официјалното укинување на мерката.

Обвинителството проверува дали работело со диви пумпи

Основното јавно обвинителство Гостивар отвори истрага околу можно кривично дело „загадување на вода за пиење“, казниво по член 219 од Кривичниот законик. Инспектори од Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар излегле на терен во Вруток, по насоки на јавен обвинител.

Според сомневањата изнесени во првите извештаи, Јавното претпријатие „Водовод“, во соработка со Општина Гостивар, поставило три пумпи во корито на истечни отпадни води. Преку нив, наводно, се вбризгувала вода директно во главниот цевковод. Целта веројатно била да се зголеми притисокот во мрежата поради недостиг на питка вода.

Подоцна, МВР и Јавното обвинителство ја проширија проверката и на прашањето дали и вода од реката Вардар била внесувана во системот преку истите или дополнителни диви приклучоци.

Во расчистувањето на случајот, покрај полицијата и обвинителството, вклучени се и Институтот за јавно здравје, АХВ, Државниот инспекторат за животна средина, како и лиценциран вештак кој треба да ја процени незаконски поставената инсталација.

Над 1200 граѓани со симптоми на труење

Гостиварската болница „Д-р Ферид Мурад“ примила над 1200 пациенти со дијареа, повраќање, болки во желудникот, температура и омалаксаност.

Локалните медиуми пишуваат дека капацитетите на болницата се преполнети, а медицинскиот кадар исцрпен.

Комуналец: Причината не е водата

Директорката на гостиварскиот „Комуналец“, Артана Асани, во изјава за телевизија Телма, тврди дека зголемениот број заболени не е поврзан со квалитетот на водата. Таа ги негира наодите на институциите кои ја забранија водата поради сомнение дека е извор на епидемијата.

Асани посочи дека меѓу заболените има и лица кои пиеле исклучиво флаширана вода, а како можна причина за заболувањата ги наведе храната што граѓаните ја јаделе или високите температури.

е-Трн да боцка во твојот инбокс