Search

Дискриминација во факултетските клупи – како до инклузивно образование?

Образованието како основно човеково право мора да биде обезбедено без дискриминација по која било основа. За жал, дискриминацијата во високообразовните установи е феномен за кој недостасуваат информации, во смисла на податоци за нејзиното постоење и механизми за справување со истата.

Правната дефиниција на поимот дискриминација се однесува на секое разликување, исклучување, ограничување или давање првенство што се заснова на дискриминаторска основа (лична карактеристика), со сторување или несторување, што имаат за цел или резултат спречување, ограничување, признавање, уживање или остварување на правата и слободите на одредено лице или група на еднаква основа со други. Дискриминацијата може да биде намерна или ненамерна, може да биде резултат на индивидуално постапување или на одредена државна политика, а може да биде дури и дел од законодавната рамка. Правото на еднаквост и слобода од дискриминација е едно од основните човекови права и затоа забраната за дискриминација е дефинирана во бројни меѓународни документи за заштита на човековите права и е инкорпорирана во внатрешните системи на голем број држави како темелна вредност на уставниот поредок.

Покрај дискриминацијата која студентите, или професорите може да ја претрпат лично во високо образовните установи, специфичен извор на дискриминација е постоењето на учебници со вознемирувачка и дискриминаторска содржина по различни основи преку кои се одржуваат негативните стереотипи и предрасуди за одделните групи. Досега се преземени различни правни дејствија преку претставки до Комисијата за заштита од дискриминација, до Народниот правобранител и суд со цел отстранување на спорната содржина од учебниците. Образовните политики и практики во РСМ сè уште се склони кон етнонационални поделби, наспроти унапредувањето на меѓусебното разбирање, толеранцијата и почит на разновидноста. Она што недостасува е механизам што ќе обезбеди системска ревизија на учебниците и ќе се превенира спорна содржина да биде дел од наставните програми во сите нивоа на образование

Според едно истражување од МОФ студентите со различен родов идентитет и сексуална ориентација (од хетеросексуалната) се перципираат како најмаргинализирани, најдискриминирани и со најмалку права во образовниот систем. Останати студенти кои отскокнуваат и ја доживуваат академската средина како најнепријатна и кои во најголема мера размислувале да си заминат затоа што не се чувствуваат прифатено се особено ромите, лицата со попреченост, и лицата кои не го изјасниле својот род во анкетата.

62,6 % од студентите наведуваат дека забележале дискриминација при оценувањето, што уште еднаш ни покажува колку едукацијата и потребата од промени во системот на образование ни се потребни. Сепак, покрај високата бројка на забележана дискриминација, пријавени само 6.6% од студентите се охрабриле да пријават.

Трите главни проблеми студентите ги истакнуваат како причина за непријавување на случаи на дискриминацијата во високото образование се стравот кој владее воопшто да пријават, бидејки се плашат од “освета“ од професорот кого го пријавуваат, чувството на обесхрабреност и бесмисленост да пријават бидејки се чувствуваат како никој воопшто и да нема да ја разгледа пријавата и дека системот нема да ги заштити, и третата е бидејки студентите ретко ги знаат своите права и механизмите за нивна заштита, односно не знаат каде да пријават. Основниот проблем за справување со овој феномен е непостоење соодветен, ефикасен и ажурен механизам кој ќе постапува по пријавите за дискриминација. Потребна е сериозна реформа во високо образовните институции во оваа насока и оформување на тело во кое студентите ќе имаат доверба и кое непристрасно и ефикасно ќе постапува по пријавите за дискриминација

Авторката е студентка по меѓународно право и односи и активистика во студентски движења

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни