Филмот на Дина Дума ќе има светска премиера на фестивалот на Роберт Де Ниро

„Скејтбордингот не е за девојчиња“ на Дина Дума е избран во главната меѓународна натпреварувачка програма на Tribeca Festival во Њујорк. Македонскиот филм ќе има светска премиера на еден од највлијателните фестивали за независен филм, основан од Роберт Де Ниро и неговите партнери.

Македонскиот игран филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума е избран во главната меѓународна натпреварувачка програма на престижниот Tribeca Festival во Њујорк, кој годинава ќе се одржи од 3 до 14 јуни. Станува збор за еден од најзначајните филмски фестивали во САД, чиј коосновач е легендарниот актер Роберт Де Ниро.

Филмот е селектиран во категоријата International Narrative Competition, каде ќе се натпреварува со филмови од целиот свет и ќе биде претставен пред њујоршката публика, меѓународните филмски професионалци и селектори од водечки фестивали.

Приказната го следи животот на Адела, девојче кое се обидува да најде простор за сопствените избори во средина исполнета со традиционални правила и очекувања. Инспирацијата за филмот, според режисерката, дошла од сцена што ја забележала во Скопје – девојче со скејтборд, облечено во традиционални шалвари, слика што ги спојува слободата и наследените општествени норми.

Филмот е создаден во тесна соработка со заедницата во Шуто Оризари, а во него играат и непрофесионални актери. Наместо да нуди стереотипни претстави, „Скејтбордингот не е за девојчиња“ ги прикажува младите девојки како силни, ранливи и комплексни личности кои се борат за правото самите да одлучуваат за својата иднина.

Ова е втор долгометражен филм на Дина Дума. Нејзиниот дебитантски филм „Сестри“ привлече значително меѓународно внимание и беше дел од понудата на Netflix. Новото остварување е во продукција на „Сестри и брат Митевски“, со Лабина Митевска како продуцентка.

Сценариото го потпишуваат Дина Дума, Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска, директор на фотографија е Фредерик Ноаром, а главните улоги ги толкуваат Ефќар Абаз, Симонида Селимовиќ, Џефрина Јашари и Ганимет Абдула.

Филмот е копродукција меѓу Северна Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, поддржана од Агенцијата за филм, „Еуримаж“, Creative Europe MEDIA и повеќе национални и регионални филмски фондови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс