Филмот „Скејтањето не е за девојчиња“ на режисерката Дина Дума ќе има светска премиера на филмскиот фестивал Трајбека во Њујорк, каде што е селектиран во меѓународната конкуренција.
Премиерата е закажана за 4 јуни, а во рамки на фестивалот се предвидени вкупно четири проекции. Македонската публика ќе има можност да го гледа филмот во септември.
Фестивалот Трајбека, иако не е формално дел од А-категоријата на ФИАПФ, се смета за еден од најзначајните филмски настани во САД и има големо меѓународно влијание. Основан е во 2002 година со цел оживување на Долен Менхетн по нападите на 11 септември.
Филмот ја следи приказната за 13-годишната Адела, која преку скејтањето се спротивставува на традиционалните очекувања во својата средина. Приказната опфаќа три генерации жени од ромската заедница и нивниот судир меѓу традицијата и современото живеење.
Поголемиот дел од актерската екипа ја сочинуваат натуршчици, а снимањето во најголем дел се одвивало во скопската населба Шуто Оризари.
Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска и е поддржан од повеќе европски фондови, вклучително и Еуримаж.