„Диџеј Ахмет“ и „Мајка“ влегоа во трка за регионалните АФА награди

Филмовите на Георги Унковски и Теона Стругар Митевска собраа номинации за најдобар филм, режија, сценарио и главни улоги.

Филмската и телевизиска академија на Јадранскиот регион ги објави номинациите за претстојните АФА награди, каде македонските остварувања „Диџеј Ахмет“ на Георги М. Унковски и „Мајка“ на Теона Стругар Митевска се најдоа во најтесниот избор за најдобар филм. Официјалната церемонија ќе се одржи од 23 до 25 октомври во Тиват, Црна Гора, а двете продукции конкурираат во речиси сите главни авторски и актерски категории.

Во категоријата за најдобар филм, покрај остварувањата на Унковски и Митевска, номинирани се хрватскиот „Бог нема да помогне“ на Хана Јушиќ и српските продукциски наслови „Ветре, зборувај со мене“ на Стефан Ѓорѓевиќ и „Југо Флорида“ на Владимир Тагиќ. Истите пет автори ја сочинуваат и категоријата за најдобра режија.

Трката за најдобро сценарио носи директно соочување на македонските креативни тимови. Унковски е номиниран за сценариото на „Диџеј Ахмет“, додека за „Мајка“ заеднички се номинирани Гоце Смилевски, Елма Татарагиќ и Теона Стругар Митевска. Со ова двата филма обезбедија двојно македонско присуство во клучните авторски сегменти.

Македонските проекти бележат забележителен успех и кај актерските номинации. За најдобра машка улога номиниран е Никола Ристановски за неговата изведба во „Мајка“, заедно со младиот Ариф Јакуп за насловната ролја во „Диџеј Ахмет“. Јакуп истовремено освои и втора индивидуална номинација, влегувајќи во конкуренцијата за признанието „Ѕвезда во подем“.

Кај актерките, меѓународната ѕвезда Нуми Рапас се натпреварува за главната улога во „Мајка“, додека младата Дора Акан Златанова доби номинација за главна женска улога во „Диџеј Ахмет“. Дополнително, Георги М. Унковски се натпреварува и за признанието за најдобар дебитантски филм.

Наградите на Јадранската филмска академија ги основаа шест водечки регионални фестивали: македонскиот „Браќа Манаки“, Сараевскиот филмски фестивал, Загрепскиот филмски фестивал, Фестивалот на авторски филм од Белград, Филмскиот фестивал во Херцег Нови и Љубљанскиот филмски фестивал. За признанијата конкурираат продукции од Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Црна Гора и Косово.

Покрај филмските одликувања, академијата доделува признанија и за телевизиски продукции, каде за најдобра серија се натпреваруваат регионалните наслови „Комар“, „Котлина“, „Сенки над Балканот“, „Срам“ и „Несреќата зад Железната завеса“. Победниците ќе бидат соопштени на завршниот собир на филмските професионалци во Порто Монтенегро.

е-Трн да боцка во твојот инбокс