Нов случај на врсничко насилство ја потресе јавноста откако ученик од деветто одделение беше прободен со нож во основното училиште ООУ „25 Мај“ во Ченто. Според информациите до кои дојде „Скопје1“, напаѓачот е малолетник, ученик во прва година средно образование и поранешен ученик на истото училиште. Како што се дознава, причина за нападот биле пораки што деветтоодделенецот ги разменувал со роднина на средношколецот. Содржината на комуникацијата засега не е позната.
Од кабинетот на градоначалникот Бобан Стевковски за „Скопје1“ потврдиле дека повреденото момче е во стабилна, но и натаму критична состојба. Според досегашните информации, средношколецот дошол до влезот на училиштето и побарал да влезе со образложение дека ќе ја земе својата помала сестра. Кратко потоа, во тоалетите на училиштето дошло до нападот со нож.
Прв знак дека нешто се случува биле пискотниците што се слушнале по инцидентот, по што веднаш била повикана полиција и Брза помош. Повредениот ученик бил пренесен во болница, каде лекарите констатирале тешка повреда во пределот на црниот дроб. Детето веднаш било оперирано и неговата здравствена состојба внимателно се следи. Напаѓачот, како и неговиот татко, биле приведени во полициска станица. Од Министерство за внатрешни работи претходно соопштија дека за случајот се води постапка во координација со скопското обвинителство. Случајот повторно го отвори прашањето за безбедноста во училиштата и растечкото врсничко насилство меѓу младите во Северна Македонија.