Најмалку девет лица во Холандија годинава се заразиле со вирусот Западен Нил, покажуваат најновите податоци на холандскиот Национален институт за јавно здравје и животна средина – РИВМ. Едно од заразените лица починало во болница.
Бројот на потврдени случаи значително се зголемил во последната недела – од претходно регистрирани три на најмалку девет инфекции. Случаите се откриени во провинциите Утрехт, Северен Брабант, Северна Холандија и Јужна Холандија.
Кај осуммина пациенти вирусот бил дијагностициран откако биле примени во болница поради здравствени тегоби. Деветтиот случај бил откриен кај крводарител без симптоми, во рамките на истражување спроведено од организацијата за крводарителство „Санквин“.
Починатото лице се заразило на територијата на Холандија, во провинцијата Утрехт, а подоцна починало во болница. Холандските здравствени власти, поради заштита на приватноста на семејството, не објавија дополнителни информации за пациентот.
Вирусот Западен Нил природно циркулира меѓу птиците, а на луѓето и коњите им се пренесува преку убод од заразени комарци, најчесто од видот познат како обичен домашен комарец. Инфицираните луѓе и коњи не можат директно да го пренесат вирусот на други лица или животни.
Околу 80 проценти од заразените луѓе воопшто немаат симптоми. Кај приближно 19 проценти се јавуваат тегоби слични на грип, како покачена температура, главоболка, болки во мускулите и стомачни проблеми.
Кај околу еден процент од инфицираните може да се развие потешка форма на болеста со невролошки компликации, меѓу кои воспаление на мозокот или на мозочните обвивки. На поголем ризик од сериозно заболување се изложени лицата постари од 50 години и луѓето со ослабен имунитет.
Присуството на вирусот годинава било потврдено и кај птици, коњи и групи комарци. Холандските лекари, ветеринари, вирусолози и епидемиолози ја следат состојбата, а здравствените работници се повикани да внимаваат на пациенти со симптоми што би можеле да укажуваат на западнонилска треска.
И покрај растот на бројот на случаи, РИВМ оценува дека веројатноста едно лице да се зарази со вирусот во Холандија и понатаму е мала.