Странски експерти утврдија сомнителни наоди кај девет пациенти за непотребни операции

Наодите ќе бидат доставени до Владата, Јавното обвинителство, ДКСК и другите надлежни институции за понатамошно постапување.

Странската експертска комисија утврдила сомнителни наоди кај девет од вкупно 13 анализирани случаи поврзани со сомнежи за непотребно извршени кардиохируршки операции или непотребно упатување на пациенти на операција. Наодите денеска ги презентираше министерот за здравство Азир Алиу, кој информираше за резултатите од независната проверка на случаите што претходно ги отвори академик Сашко Кедев.

Според Алиу, кај дел од пациентите биле утврдени несогласувања меѓу ангиографските наоди од коронографијата и писмените извештаи, по што следувале несоодветни индикации за ендоваскуларни или хируршки процедури. Комисијата оценила дека одредени аспекти од третманот и водењето на пациентите биле под очекуваните професионални стандарди и можно е негативно да влијаеле врз клиничкиот исход.

Пациентите чии предмети биле анализирани се на возраст од 45 до 78 години. Случаите се однесуваат на интервенции и постапки реализирани во повеќе јавни и приватни здравствени установи, меѓу кои Универзитетската клиника за кардиологија, Универзитетската клиника за кардиохирургија, Клиничката болница во Штип, ГОБ „8 Септември“, ПЗУ „Кардио арт“ – Штип, Клиничката болница „Жан Митрев“ и „Аџибадем Систина“.

Министерот нагласи дека наодите се сериозни и не смеат да се релативизираат, но истовремено предупреди дека тие не треба да се користат за генерализирање или нарушување на угледот на целата лекарска професија. Алиу посочи дека голем број лекари во земјата работат стручно, чесно и професионално.

Меѓународната комисија беше формирана во февруари, а во неа учествувале тројца специјалисти: кардиохирургот Уголини Ливи од Италија, кардиоваскуларниот хирург Никола Лакиќ од Словенија и интервентниот кардиолог Черчер Миха, исто така од Словенија. Целта, според Министерството за здравство, била да се обезбеди независен стручен увид во можни пропусти и да се утврди дали постојат системски слабости во здравствениот систем.

Алиу информираше дека наодите на меѓународната комисија во значителен дел се совпаѓаат со наодите на домашната интерна комисија, која броела девет члена. Тој нагласи дека двете комисии работеле независно една од друга, што, според него, ја засилува тежината на заклучоците.

Деветте сомнителни случаи и целосните наоди од меѓународната комисија ќе бидат доставени до Владата, Јавното обвинителство, Државната комисија за спречување корупција и сите други надлежни институции. Од нив се очекува да утврдат дали има основ за понатамошна правна, дисциплинска или институционална одговорност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс