Пламените на Буково пак го активираа алармот: Граѓаните бараат затворање на депонијата

Жителите на Крушје и околните села со децении дишат отров поради нефункционалниот систем за депонирање отпад во охридско-преспанскиот регион.
Фото: Збогум Буково

Пожарот на депонијата „Буково“ повторно ги активираше алармите за еколошката опасност во охридскиот регион. Додека противпожарните екипи од Охрид и комуналните служби се обидуваат да ги задушат жариштата со слоеви земја, жителите од околните села, посебно селото Крушје, се соочуваат со густ чад и непонослива миризба на изгорена пластика. Овој долгогодишен проблем повторно го отвора прашањето за бавното затворање на дивата депонија.

Екипите на ЈП „Комуналец“ од Охрид и Територијалната противпожарна единица интервенираа на теренот за да го спречат понатамошното ширење на огнот. Според информациите од комуналното претпријатие, направен е заштитен пресек на депонијата за да се изолира пожарот.

Со цел целосно да се задуши чадот, на локацијата континуирано се нанесуваат дополнителни количини земја. Службите остануваат на терен за да ја следат состојбата и да спречат повторно разгорување на пламенот под површинските слоеви отпад.

Активистите од иницијативата „Збогум Буково“ истакнуваат дека честите пожари се директна последица на несоодветното третирање и управување со отпадот. Тие со години предупредуваат дека парцијалните интервенции само го одложуваат проблемот додека локалното население го плаќа сопственото здравје.

„Повторувањето на пожарите е резултат на несоодветното третирање со отпадот“, порачува активистката Драгана Карашова, барајќи итна превенција и почитување на поставените рокови за затворање.

Трајното затворање на депонијата „Буково“, која со децении претставува една од најголемите еколошки точки во Југозападниот регион, зависи од изградбата на регионалниот центар за управување со отпад во Новаци.

Според последните најави од надлежните институции, реализацијата на овој проект се одвива според предвидената динамика. Очекувањата се дека до крајот на 2027 година конечно ќе се затворат сите нестандардни депонии во регионот, со што „Буково“ конечно ќе замине во историјата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс