Со двочасовен настап на францускиот диџеј Дејвид Гета на Градскиот стадион „Тодор Проески“ во Скопје синоќа се заокружи прославата за 35 години од независноста на Македонија. Пред околу 50.000 посетители, на најмасовниот музички настан досега во земјата, светскиот продуцент ја претстави својата турнеја „Монолит“. Влезниците се продаваа по симболични 35 денари, додека Владата сè уште не соопштува колку пари од буџетот чинеше целиот настан.
Атмосферата на стадионот од 20 часот ја загреваа домашните диџеи Семпре и Никифор, кои во сетовите вметнаа ремикси на познати македонски поп-теми. Гета се качи на бината по 22:30 часот, дочекан со овации од публиката која со часови го чекаше пред сцената.

Централен елемент на сценографијата беше џиновскиот црн монолит, надополнет со заоблен екран со непрекинати видеопроекции, пиротехника, ласери и оган. Францускиот музичар речиси два часа без прекин ги врзуваше сопствените радио-хитови со класици на електронската музика, пред публика составена претежно од млади луѓе.
Иако стадионот беше исполнет до последно место, настанот остави отворени прашања околу јавните трошоци. Владата и продукцијата „Авалон“, кои заеднички ги реализираа содржините за јубилејот, засега одбиваат да кажат колку чини доаѓањето на суперѕвездата. Владиниот став претходно беше дека деталите и сумите не се објавуваат поради договорни клаузули со изведувачите, со ветување дека јавноста ќе биде информирана откако ќе завршат сите најавени настани за независноста.
Покрај Гета, истиот договор опфаќа и настапи на други странски имиња планирани за државниот празник.