Дејвид Гета доби уникатна јакна со македонското знаме по концертот во Скопје

Дизајнерот Сатја Грабулоски и студиото „SWithADot“ деноноќно работеа на рачно исцртаното парче уметност со симболи од кариерата на диџејот.

Светската музичка ѕвезда Дејвид Гета доби уникатна јакна изработена специјално за него од македонскиот дизајнер Сатја Грабулоски и неговото студио „SWithADot“. Подарокот му беше врачен по синоќешниот настап на арената „Тодор Проески“ во Скопје, каде што диџејот настапи пред 50.000 луѓе во рамки на прославата на денот на независноста.

Дизајнот на уникатното парче облека ги спојува клучните моменти од глобалната кариера на францускиот диџеј со препознатливи домашни мотиви.

На левиот ракав е насликан монолитот поставен врз македонското знаме, заедно со датумот на македонската независност. Покрај нив, простор добија и освоената Греми награда, неговиот втор дом Ибица, соработникот Џек Бек, како и песната „Titanium“, претставена преку визуелни музички бранови.

Десниот ракав содржи илустрација на волчица преку македонските планини. Овој дел ги содржи и симболот на Купидон со син музички бран како директна асоцијација на хитот „When Love Takes Over“, ознаката за неговите почетоци во радиоемисиите „Pirate radio“, како и проектите „One Love“ и „Future Rave“.

Изработката на јакната се одвивала под строг временски притисок и во директна координација со менаџментот на музичарот.

„Јакната ја завршивме релативно брзо, но тоа е затоа што во изминативе шест дена целиот S-тим работеше на неа деноноќно, во координација со тимот на Дејвид. За мене најважно е светските ѕвезди од Македонија да си отидат со најдобри впечатоци и најквалитетно парче уметност, нешто што мислам дека Гета вчера и го доби“, вели Грабулоски.

Студиото „SWithADot“ веќе со години изработува уникатни патики и облека за глобални спортски и музички имиња, а овој проект претставува уште еден чекор во нивното претставување пред светската сцена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс