Концертот на светската EDM ѕвезда David Guetta во Скопје предизвика вистинска еуфорија, откако сите 50.000 влезници беа распродадени за помалку од 12 часа. Од Avalon Production соопштија дека интересот за настапот на францускиот диџеј и продуцент целосно ги надминал очекувањата, а во еден момент повеќе од 250.000 луѓе истовремено се обидувале да пристапат до платформата за продажба на билети.
„Официјално е распродаден целиот капацитет на Арена Тодор Проески. Продадени се 50.000 влезници за помалку од 12 часа“, соопштија организаторите. Поради огромниот број корисници кои истовремено се приклучиле на системот, дел од заинтересираните се соочиле со потешкотии при логирањето и купувањето билети.
Од Авалон информираат дека сите купувачи ќе ги добијат своите PDF-влезници најдоцна до 17 мај, со оглед на обемот на обработка на продадените билети. Особено интересен е податокот дека дури 93 проценти од билетите биле купени од посетители од Македонија, додека останатите седум проценти завршиле кај публика од повеќе земји низ светот.
Концертот на Дејвид Гета ќе се одржи на 8 септември во Aрена Тоше Проевски и веќе се смета за еден од најмасовните музички настани организирани во земјава во последните години.
Дополнително внимание предизвика и симболичната цена на билетите. Влезниците чинеа само 35 денари, во чест на 35-годишнината од независноста на Македонија, што дополнително придонесе за огромниот интерес кај публиката. Настапот на Гета се очекува да донесе десетици илјади посетители и да го претвори Скопје во регионален музички центар на почетокот на септември.