Терминот déjà vu го вовел францускиот филозоф и парапсихолог Емил Боарак во 1876 година и во буквален превод значи „веќе видено“.
Тоа е оној чуден, понекогаш вознемирувачки момент кога имате чувство дека ситуацијата што ја доживувате, иако треба да биде нова, веќе сте ја искусиле. Може да се најдете на некое место, на пример на кафе или на улица, и да ви изгледа познато, иако знаете дека никогаш претходно не сте биле таму.
Иако некои го луѓе ова чувство го поврзуваат со „минати животи“ или „грешка во матриксот“, постои многу поедноставно научно објаснување. Добрата вест е дека déjà vu, кое го доживуваат околу две третини од луѓето, најчесто е знак дека мозокот функционира здраво.
Според современите невропсихолошки објаснувања, déjà vu се појавува кога одредени елементи од ситуацијата активираат чувство на познатост во дел од мозокот во областа на слепоочниците, наречен периринален кортекс. Тоа може да биде предизвикано од сличности со претходни искуства.
Потоа хипокампусот (структура клучна за меморијата) не успева да најде конкретно сеќавање што би го објаснило тоа чувство.
На крај, овој „конфликт“ го препознаваат делови од фронталниот кортекс, како предниот цингуларен кортекс и медијалниот префронтален кортекс. Токму ова создава чувство дека нешто веќе сте доживеале, иако знаете дека не сте.
Психолозите ова го нарекуваат „метакогнитивна свест“ – способност на мозокот да препознае грешка. Тоа е знак дека мозокот работи ефикасно.
Déjà vu почесто се јавува кај помладите луѓе и има тенденција да се намалува со возраста, бидејќи механизмите за препознавање на грешки стануваат помалку ефикасни.
Истражувањата покажуваат дека кога déjà vu се симулира во лабораториски услови преку игри за меморија, токму овие фронтални делови на мозокот покажуваат зголемена активност.
Сепак, во некои случаи, невообичаено силните или продолжени форми на déjà vu може да бидат поврзани со здравствени состојби. На пример, кај луѓе со епилепсија на слепоочниот дел може да се јави продолжен déjà vu пред напад.
Кај лица со деменција, пак, може да се појави phénomène познат како déjà vécu („веќе доживеано“), при што лицето навистина верува дека новата ситуација веќе ја проживеало.
Ако доживувате краткотраен и вообичаен déjà vu, нема причина за загриженост. Напротив, тоа е знак дека вашиот мозок функционира токму како што треба.