Децата во Европа никогаш не биле во полоша физичка форма: Најлоша кондиција во последните 60 години

Ново истражување на повеќе од 417.000 деца од 20 европски земји покажува загрижувачки пад на силата, издржливоста и флексибилноста, додека над 75 отсто од тинејџерите не ги исполнуваат препораките за физичка активност.

Физичката подготвеност на децата и адолесцентите во Европа е на најниско ниво во последните шест децении, предупредуваат научници од Универзитетот во Сарагоса. Истражувањето покажува дека младите денес имаат послаба мускулна сила, помала флексибилност и поголем процент на телесни масти, што може да има сериозни последици по нивното здравје во иднина.

Резултатите, објавени во научното списание Sports Medicine – Open, се базираат на анализа на податоци од 417.362 деца и адолесценти на возраст од 6 до 16 години од 20 европски земји, собрани во периодот од 1965 до 2023 година.

Истражувачите анализирале четири клучни показатели на физичката подготвеност: мускулна сила, флексибилност, телесен состав и кардиореспираторна кондиција.

Загрижувачки пад на силата и флексибилноста

Според студијата, силата на горниот дел од телото опаѓа уште од 1970-тите години, со краток период на стабилизација помеѓу 1980 и 2000 година, по што негативниот тренд повторно продолжил.

Силата на долните екстремитети, мерена преку тестови за скокање, бележела подобрување до 1980-тите, но потоа континуирано опаѓа. Најизразен пад е забележан кај флексибилноста, која постојано се намалува, а тој процес дополнително се забрзал по 2000 година.

Истражувачите забележале и континуирано зголемување на процентот на телесни масти, предупредувајќи дека индексот на телесна маса (БМИ) не секогаш ја покажува вистинската состојба.

Над 75% од младите не се движат доволно

Кога станува збор за кардиореспираторната кондиција – способноста на срцето и белите дробови да го снабдуваат организмот со кислород – најновите податоци покажуваат стабилизација меѓу 2015 и 2023 година. Сепак, нивото останува значително пониско отколку во претходните децении. Авторите предупредуваат дека јавните институции мора да вложат многу повеќе напори за да ја поттикнат физичката активност кај младите.

Според препораките на Светската здравствена организација (СЗО), децата и адолесцентите треба да имаат најмалку 60 минути умерена до интензивна физичка активност секој ден, како и вежби за зајакнување на мускулите и коските најмалку трипати неделно.

Но, повеќе од 75 проценти од европските адолесценти не ги исполнуваат овие препораки.

Последици по здравјето

Научниците нагласуваат дека добрата физичка подготвеност во детството е тесно поврзана со помал ризик од срцеви заболувања, дебелина, дијабетес и предвремена смрт во зрелата возраст.

Според СЗО, физичката неактивност на глобално ниво е поврзана со околу 6 проценти од случаите на коронарна срцева болест, 7 проценти од дијабетес тип 2 и 10 проценти од случаите на рак на дојка и дебело црево. Дополнително, се проценува дека е причина за околу 9 проценти од предвремените смртни случаи во светот.

Истражувачите предупредуваат дека без поголемо вложување во спортот, физичкото образование и активниот начин на живот, денешните генерации би можеле да се соочат со значително поголем товар од хронични заболувања во иднина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс