Брисел отвора дебата за државните почести на погребот на Младиќ во Белград

Европратениците и Европската комисија утре ќе расправаат за институционалната поддршка на српските власти за осудениот воен злосторник.
Фото: EPA/ANDREJ CUKIC

Европскиот парламент и Европската комисија утре ќе одржат дебата за величањето на воените злосторства во Србија, по повод погребот на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ. Брисел реагира откако официјален Белград обезбеди владина логистика и превоз за телото на поранешниот командант на босанските Срби, а на неговиот погреб присуствуваа владини министри.

Расправата во Стразбур следи по острите реакции од Европската Унија и земјите членки. Брисел оцени дека постапките на српската власт директно ги кршат темелните европски вредности.

Европскиот парламент официјално потсети на пресудата со која Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија го осуди Младиќ за геноцидот во Сребреница од 1995 година, каде беа убиени речиси 8.000 бошњачки мажи и момчиња. Од институцијата порачаа дека на негирањето на судски утврден геноцид и на величањето на злосторници нема место во држави кои сакаат членство во ЕУ. Младиќ почина на 84-годишна возраст во затворот на Обединетите нации во Хаг, каде издржуваше доживотна казна.

Погребот се одржа на 7 септември во Белград, формално во организација на семејството, откако плановите за целосни државни почести беа повлечени по притисокот од европските метрополи.

Српскиот министер за правда Ненад Вујиќ првично најави дека за Младиќ ќе има официјални државни и воени почести. По реакцијата на меѓународната јавност, претседателот Александар Вучиќ соопшти дека формата на испраќањето ќе ја одреди семејството. Сепак, српската влада испрати владин авион во Хаг на 3 септември за да го транспортира телото во Белград, покривајќи ги безбедносните и логистичките протоколи.

Иако самиот шеф на државата не дојде на гробиштата, во погребната поворка се појавија високи претставници на српската извршна власт.

На гробиштата беа министрите за правда, одбрана, култура и јавни инвестиции, како и синот на претседателот Вучиќ. Самиот Вучиќ подоцна јавно изјави дека државата направила сè што било потребно за сè да помине достоинствено и одговорно. За институциите во Брисел, таквиот однос кон осуден архитект на воени злосторства претставува јасен сигнал за насоката во која се движи српската официјална политика.

е-Трн да боцка во твојот инбокс