Дебатата за законот за високо образование помина со само еден студент во сала

Додека Владата зборува за инклузивност, на настанот присуствуваше само еден студент, додека другите биле известени помалку од 24 часа однапред

Додека Владата уверуваше дека новиот Закон за високо образование се носи низ инклузивен и транспарентен процес, на денешната прес-конференција за него присуствуваше само еден студент. Не затоа што младите немале став, туку затоа што, како што посочи единствениот студентски претставник Александар Николовски, состанокот бил закажан вчера во 14 часот, помалку од 24 часа однапред. За студентите, ваквото доцно известување не е изолиран случај, туку веќе добро позната тактика со која нивното присуство формално се остава можно, но суштински се сведува на минимум. Ако сакаме инклузивни процеси и навистина да ги слушнеме младите, тие мора да бидат известени навреме.

Во сета слика за „инклузивност“ и „транспарентност“, најгласно одекна токму забелешката на единствениот студент на настанот. Александар Николовски, член на групата за реформи во високото образование и поранешен претседател на УСС УКИМ, потсети дека Националното студентско тело, кое треба да ги претставува сите студенти во државата, сè уште не е формално признаено затоа што не е предвидено во законот. Тој потоа отвори и неколку конкретни забелешки за решенијата во законот, но клучната порака беше насочена кон самиот процес: не може да се зборува за вклучување на младите ако тие се известуваат во последен момент.

Николовски реагираше и на делот за мандатите на студентските претставници, кои според новото законско решение би траеле две години со можност за реизбор. Тој рече дека студентските претставници не побарале такво решение, туку нивното барање било мандатот да трае две години без право на реизбор. Според него, ако со можноста за реизбор мандатите фактички се продолжат на четири години, тоа ја нарушува демократијата и им го стеснува просторот на други студенти да се вклучат во студентското организирање.

Тој предупреди и на намалувањето на бројот на студентите во универзитетските совети, како и на користењето на кумулативниот просек при избор во звање. Според Николовски, кумулативниот просек ги маскира разликите меѓу различните циклуси на студии, па така кандидат може да има просек 6 на додипломски, а 10 на магистерски студии, без тоа прецизно да се рефлектира во системот на избор.

Но токму неговата забелешка за начинот на известување го отвори најважното прашање за целиот процес. „Во однос на функционалноста на Координативното тело во високото образование, претседателот на Владата напомена дека ќе направи сè за да се задржат младите, јас тоа навистина го почитувам, но на овој состанок само јас сум претставник на младите, имам 25 години. Другите претставници од Националното координативно тело не се тука, бидејќи состанокот беше закажан вчера во 14 часот, помалку од 24 часа однапред. Ако сакаме инклузивни процеси и да ги слушнеме младите, тие треба навремено да бидат известени“, рече Николовски. Во само неколку реченици тој ја сумираше противречноста меѓу реториката за младите и реалноста во која тие повторно се повикани доцна, со ограничен простор навистина да учествуваат.

На прес-конференцијата за Предлог-законот за високо образование, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека образованието со години било предмет на различни „експерименти“ кои, како што рече, оставиле последици врз неговиот квалитет, па затоа потребата од промени сега е „очигледна“. Тој нагласи дека за него е особено важно што новиот закон создава услови младите да останат во земјава и тука да го градат својот професионален и животен пат. Според премиерот, за првпат студентите кои со државна стипендија студираат на 100-те најдобри светски универзитети, како и најдобрите студенти добитници на инженерски прстен или прогласени за најдобри на своите универзитети, ќе имаат предност при вработување на државните универзитети.

Мицкоски најави и нов модел на финансирање на високото образование, според кој дел од средствата ќе бидат наменети за развој, а дел ќе зависат од резултатите што универзитетите ќе ги постигнат. „Повеќе вложен труд ќе значи повеќе средства. Ќе вложуваме повеќе, но ќе бараме и отчетност“, порача тој, додавајќи дека државата мора да обезбеди квалитетно образование ако сака идни генерации што ќе можат да ја водат земјата. Воедно рече дека напредок не може да се гради со импровизации, ад хок решенија и политики насочени кон тесни групи, туку со инклузивен и заеднички пристап. Според него, станува збор за државно, а не политичко прашање, кое директно ја засега иднината на земјата и можноста младите што заминале да се вратат.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска, пак, тврдеше дека процесот на носење на новиот закон бил целосно транспарентен и, како што рече, „не е одглумена дебата“. Таа направи споредба со законот од 2018 година, за кој рече дека бил донесен без јавна расправа и на штета на академијата и општеството, додека сега, според неа, биле одржани средби со вработени од јавните и приватните високообразовни установи, научните институти и МАНУ, при што биле прифатени повеќе сугестии што помогнале во подобрување на текстот. Јаневска додаде и дека Министерството се справувало со, како што ги нарече, дезинформации што доаѓале од „центрите за моќ на влијание на јавното мислење“, негирајќи дека се нарушува автономијата на универзитетите, дека ќе се укине вонредното студирање или дека ќе можат да студираат само деца од богати семејства.

Во делот за финансирањето на универзитетите, Николовски предупреди дека ова прашање е клучно за функционалноста на високото образование и дека бара многу поголемо внимание. Тој посочи дека 42 милиони евра се вложуваат во Универзитетот „Мајка Тереза“, кој има околу 2.000 студенти, додека за споредба во 2015 година за зградите на ФИНКИ и Факултетот за физичка култура биле вложени 20 милиони евра за 6.000 студенти. Во исто време, како што наведе, Педагошкиот факултет во Битола во зима нема парно, студенти од Медицинскиот факултет во Штип одат на практика во Скопје затоа што Клиниката во Штип не е изградена, а на УКИМ има факултети каде што течат кровови и нема доволно греење. Тој потсети и на лошата состојба во студентските домови, како и на нерамномерната распределба на капиталните инвестиции: во 2025 година, рече Николовски, за УКИМ се предвидени 245.000 евра, а за „Мајка Тереза“ 2 милиони евра, иако УКИМ има 23.000 студенти, а „Мајка Тереза“ околу 2.000.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни