Дводневна книжевна програма под наслов „Булевар Ослободување бр. 2026“ ќе се одржи на 17 и 18 април во новата „Буква“, на аголот од улицата Рузвелтова и булеварот „Теодосиј Гологанов“ во Скопје.
Програмата вклучува четири различни настани – од перформативна и слем поезија, преку разговори за улогата на поезијата во современиот свет, до уредувачка работилница и промоција на книжевни изданија.
Настаните започнуваат во петок (17 април) во 19:00 часот со „Отпор и бунт: ослободување на стихот“, каде ќе настапат повеќе домашни и странски поети, меѓу кои Живко Грозданоски, Марија Грубор, Ива Дамјановски, Ѓоко Здравески, Александра Јуруковска, Владимир Лукаш, Матеј Петров, Елена Пренџова, Виктор Спасески, Игор Трпчески, Исток Улчар и Шји Чуан од Кина.
Во 20:00 часот следи разговорот „Ослободување на видиците“, каде Елизабета Шелева ќе разговара со Шји Чуан и Никола Маџиров за поезијата како доживотен пркос и идејата за „WEast“ – спој на Истокот и Западот како културен концепт.
Во сабота (18 април), програмата продолжува со работилницата „Она што држи сè заедно“ во 18:00 часот, која ќе ја води Сеида Бегановиќ. Работилницата е посветена на уредување на книжевен текст, а учесниците требаше да се пријават со сопствен авторски материјал.
Вечерта, во 20:00 часот, ќе се одржи и промоцијата „Булевар Ослободување: глатко полетување“, на која ќе бидат претставени четири изданија објавени во периодот од 2020 до 2025 година. Програмата вклучува разговори за преводот како емпатија, поезијата, општествените теми и личното пишување, со учество на Илина Јакимовска, Александар Станојков, Билјана Дуковска и Алек Маџаровски.
Настанот носи спој на различни книжевни форми и генерации автори, отворајќи простор за дијалог, размена и нови книжевни искуства во современиот културен контекст.