Мобилниот мултидисциплинарен уметнички фестивал E75 Art Bus пристигнува во Скопје, каде ќе се одржи во сабота, 18 април 2026 година, од 12:00 до 16:00 часот, во Мобилната/Монтажна галерија во Паркот на Франкофонија.
Настанот ќе ги претстави проектите на уметниците Сјорс Хогердијк (Sjors Hoogerdijk) и Саара Кумпулаинен (Saara Kumpulainen), кои преку различни медиуми истражуваат теми поврзани со простор, заедница и современи уметнички практики.
Во рамки на програмата ќе се одржи и работилницата „Earthly Story“ („Земска приказна“), која ќе ја води Сунчица П. Кандиќ, нудејќи интерактивно искуство за посетителите и можност за директно вклучување во креативниот процес.
Проектот претставува меѓународна соработка помеѓу културното списание „Kaltio“ од Северна Финска и Финската асоцијација на уметници MUU. Со текот на времето, иницијативата се проширила во поширока мрежа на партнерски резиденции, уметнички центри, галерии и локални заедници долж европската рута Е75.
E75 Art Bus е замислен како подвижна платформа што ги поврзува различните културни сцени низ Европа, носејќи уметност директно кај луѓето и создавајќи нови простори за дијалог и соработка.