Во Данска се враќаат усните испити за да се спречи препишувањето со ВИ

Дигиталните алатки принудија промени во образованието: учениците ќе мора со сопствени зборови да ги бранат пишаните трудови.

Учениците во данските средни училишта во иднина ќе мора усно да ги бранат своите есеи за да ги добијат крајните оценки. Данското Министерство за образование ја донесе оваа одлука како директен одговор на сè почестата употреба на генеративни асистенти како ChatGPT, со што се менува деценискиот модел на оценување пишани задачи.

Новите правила предвидуваат наставниците да го сослушуваат секој ученик за содржината на неговиот есеј пред да формираат конечна оценка. Властите сметаат дека преку директен разговор брзо се открива дали средношколецот самостојно ги истражувал тезите или искористил вештачка интелигенција за генерирање на текстот.

Данска со години важи за една од најдигитализираните средини во европското образование, каде учениците редовно користат компјутери за време на испитите. Но, брзиот развој на софтверските алатки за генерирање текст ги направи традиционалните домашни и пишани испити лесна мета за злоупотреба, што ги принуди образовните власти да побараат традиционални методи на проверка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс