„Да се мисли со материјата“: Четири уметнички погледи кон водата, земјата и природата

Изложбата на Валбона Фејза, Христина Крстеска, Ивана Самандова и Викторија Попоска ќе биде отворена на 10 септември во КСП „Центар-Јадро“

На 10 септември, со почеток во 19 часот, во КСП „Центар-Јадро“ во Скопје ќе биде отворена изложбата „Да се мисли со материјата: четири лекции од водата и земјата“, која ги обединува уметничко-истражувачките практики на Валбона Фејза, Христина Крстеска, Ивана Самандова и Викторија Попоска.

Преку конкретни места, материјали, локални истории и знаења, четирите авторки ги преиспитуваат односите на човекот со природата и со повеќе-од-човечките светови. Изложбата отвора прашања за начинот на кој ја разбираме природата, но и за последиците од човековото влијание врз животната средина.

„Да се мисли со материјата“ предлага поместување од разбирањето на природата како пасивна заднина или ресурс наменет за човечка употреба. Наместо тоа, во фокусот ги поставува локалните знаења и практики, нивното исчезнување, екстракцијата на природните ресурси, загадувањето и прекумерната потрошувачка.

Истовремено, изложбата ја отвора и темата на грижата како практика на одговорност и ангажман, поттикнувајќи поинакво размислување за односот меѓу човекот, материјата и средината во која живееме.

Кураторка на изложбата е Јованка Попова, а организатор е Проектен простор „Прес ту егзит“ од Скопје.

Изложбата е дел од програмата „Училиште за грижливи иднини во Скопје“, реализирана во рамки на меѓународниот проект „Семиња на солидарноста“. Во проектот учествуваат партнери од Австрија, Косово, Србија и Северна Македонија, меѓу кои Маргарете Маковец од rotor – Центар за современа уметност, Ајете Керкели од Фондација 17 од Приштина, Вида Кнежевиќ од Контекст колектив од Белград и Елке Красни од Академијата за ликовни уметности во Виена.

Проектот е инициран од Сојузното министерство за европски и меѓународни прашања на Австрија и Одделот за култура на покраината Штаерска, кој придонесува преку мрежата St.A.i.R. (Styria Artists-in-Residence). Изложбата е поддржана и од Амбасадата на Австрија во Република Северна Македонија.

Изложбата во КСП „Центар-Јадро“ ќе биде отворена до 14 септември.

е-Трн да боцка во твојот инбокс